Тимот на Саутемптон се наоѓа на 16 позиција во Премиер лигата и сезонава ќе води тешка битка за да остане во елитното друштво, но во своите редови има играч за кој ретко се пишува во весниците и кој импресионира со неговиот личен учинок и придонес на секој натпревар.
Природната позиција на Шнеидерлин е средниот ред, но како последен играч кој е задолжен најмногу за одбраната. Позиција не е многу видлива, но е важна за да се "умртви" играта на противникот и да се скратат клучните додавања кои потоа многу често завршуваат како асистенции за гол.
Е токму ова е специјалноста на 23 годишниот Морган Шнеидерлин кој е водечки играч на островот со 4,2 пресечени топки и 3,8 пресретнати додавања по натпревар. Тој негов просек постојано расте од меч во меч, а неодамна против КПР дури 10 пати имаше спречено додавање на противничките играчи.
Фасцинантните бројки за Шнеидерлин не застануваат тука. Тој во просек трча повеќе од сите играчи во англиското првенство и има 85 проценти успешни додавања, вкупно 51 по натпревар. Го има насекаде на теренот и успеа да покрие буквално на секоја позиција во средниот ред.
Без разлика на неговите дефанзивни задачи, французинот оваа сезона е најпрецизен во својата кариера со 5 постигнати гола, а беше стрелец и на саботниот триумф на Саутемптон над Ливерпул од 3:1.
Инаку Морган е роден во Целвилер на самата француско-германска граница на само 18 километри до Дутленхајм, каде порасна Арсен Венгер. Скаутите од Англија го открија додека играше во подмладокот на Стразбур и за младинската репрезентација на Франција.
И покрај интересот на повеќето премиерлигаши, Морган во 2008 година се одлучи да потпише за Саутемптон кој тогаш беше дел од втората Чемпионшип лига, затоа што му беше обездено место во првиот тим.
Клубот тогаш се соочуваше со финансиски проблеми, а потоа испадна и во третата лига. Младиот Французин кој го купија за 1,2 милиони фунти не се снајде добро на стартот, а навивачите го прогладија за најголемо промашување.
Но Шнеидерлин почна да напредува со огромна помош на тогашниот тренер Алан Пардев кој работеше со него во движењата, техниката но и на психолошки план. Потоа тимот го презеде Нигел Адкинс кој за две години успеа да го однесе Саутемптон до Премиер лигата.
Сега Морган Шнеидерлин е еден од клучните играчи во тимот со кого нодамна потпиша договор до 2017 година. Но според гласините, доколку Саутемптон не избори опстанок, наредната сезона францускиот талент ќе го облече дресот на Арсенал или Челси.