Наследникот на Гигс е спасителот на Дејвид Мојс

По двата гола против Сандерленд со кои направи пресврт и му донесе триумф на Манчестер Јунајтед, Аднан Јанузај е најспомнуваното талентирано име во фудбалот. За него почнаа да се борат големите европски екипи, но јунакот од „Олд Трафорд" се очекува да биде иднината на „Црвените Ѓаволи" во новата ера со Мојс.

Ниту еден играч во историјата на Манчестер Јунајтед не успеал да постигна два гола со само 18 години и 242 дена. Тоа не го сторил ниту Џорџ Бест, Вејн Руни, Рајан Гигс или Кристијано Роналдо, туку новиот талент на „Црвените Ѓаволи" Аднан Јанузај.

Првите чекори на фудбалските терени ги направил во младинската школа на Андерлехт на 10 годишна возраст, а најбрзите скаути кои ги забележале неговите квалитети се оние на тимот од „Олд Трафорд" каде пристигна пред две години за сума од 600.000 евра.

По само една сезона во младинскиот тим на Јунајтед, Сер Алекс Фергусон му најде место во првиот тим со број „44", но остана само како дел од резервите. Неговиот наследник Дејвид Мојс не чекаше многу. Отиде директно во тимот до 21 година и го пушти тинејџерот како замена на натпреварите против Кристал Палас и ВБА.

Третиот настап за Јанузај како трета среќа но овој пат во стартниот состав се покажа како полн погодок за Мојс. Успеа самиот да направи пресврт со два гола на гости против Сандерленд и со тоа ги наполни насловните страници на сите спортски весници.

За него сега се во битка и повеќе земји кои сакаат да го видат во репрезентативниот дрес. Роден е во Брисел, па најлогично е да го облече дресот на Белгија, селекцијата која се наоѓа во нашата квалификациска група за Мундијалот наредната година и која веќе си обезбеди билет за Бразил.

Но во јуни оваа година тој го одби повикот во националниот тим на Белгија до 19 години. Јанузај е плод на албанско-косовски брак, па шпекулациите се дека неговиот татко сака тој да го носи дресот на албанската репрезентација каде селекторот Џани Де Бјази покажа интерес за него.

Во игра за белгискиот талент кој има и албански пасош се уште и Турција затоа што од таму се неговите баба и дедо, како и Србија и Англија кои имаат желба да му издадат пасош.

Кој и да успее да го привлече со репрезентативен дрес 18 годишниот Белгиец, сигурно дека ќе се усреќи. Се работи за брз лев крилен напаѓач кој може да игра и на десно и кој одлично се вклопува во формација 4-2-3-1. Некои го сметаат за наследник на Рајан Гигс.

Манчестер Јунајтед напорно работи да му го продолжи договорт кој му истекува во 2015 година, затоа што за него веќе почнаа да се интересираат Манчестер Сити, Барселона и Јувентус кој го прибра во своите редови откритието на Фергусон Пол Погба.

Интересно е што Аднан е роден на 5 февруари, истиот датум кога се родени и две големи фудбалски имиња, Кристијано Роналдо и Нејмар. Дејвид Мојс беше една декада тренер на Евертон каде на тинејџерски години го промовираше Вејн Руни.

Сега ја има честа да биде наследник на Фергусон каде има договор до 2019 година, а слабиот старт од освоени 10 бода на 7 меча може да го поправи со помош на новиот талент кој почна да ги тресе мрежите во Премиер лигата и кој се очекува да прерасне во голема ѕвезда во „Театарот на соништата".

9 октомври 2013 - 15:06