Горан Пандев не настапи заради повреда, но Наполи победи на гостувањето кај АИК во Шведска со 1:2. Со оваа победа неговиот тим и дефинитивно го обезбеди пласманот во нокаут фазата.
Заради повреда не настапи и Даниел Георгиевски, а неговиот тим Стеауа доживеа висок пораз на домашен терен од Штутгарт со 1:5. Во моментов Стеауа е лидер во групата Е со 10 поени и во последното коло треба да остане непоразена на гостувањето кај Копенхаген за да се пласира во следната фаза.
Теоретски шанси за пласман има и Дарко Тасевски со Ирони Кирјат Шмона чиј денешен натпревар со Атлетик Билбао беше одложен заради безбедносната состојба во Израел. Сепак нивните шанси се минимални затоа што треба да слават против Билбао и на гостувањето кај Лион, а Спарта во последното коло мора да загуби од Атлетик Билбао.
Сите останати наши претставници се елиминирани. Агим Ибраими го одигра целиот натпревар за Марибор при поразот од 1:0 на гостувањето кај Панатинаикос, а Игор Митрески исто така одигра 90 минути за Нефчи на ремито од 1:1 со Партизан на чија клупа остана Александар Лазевски. Иван Тричковски заради повреда не играше за Клуб Бриж на натпреварот против Бордо кој неговиот тим го загуби со 1:2.