Но реваншот меѓу полскиот и данскиот шампион, Лех Познањ и Орхус е антологиски. Ќе се памети уште долго. Гостите од Данска во основното време водеа со 0-3, па во продолженија имаа 1-4 колку што изгубија на првиот меч и го однесоа дуелот до пенали.
И таму славеа за историски пласман во 3. квалификациско коло за Лига на шампиони.
Лех Познањ којзнае кој пат губи во квалификациите на патот за Лига на шампиони но овојпат прокоцкаа неверојатна предност од 3 гола и тоа пред свои навивачи, пред преполн стадион и огромна поддршка.

Првата голема шанса на мечот домаќинот ја имаше во 20' минута кога добија пенал но после гледање ВАР одлуката беше поништена. Во 32' минута Тобиас Бах го доведе Орхус во водство и израдува преку 2.000 дански навивачи допатувани во Познањ.
Гостите од Данска кои неочекувано станаа шампиони минатата сезона продолжија да притискаат и како резултат на таа офанзива дојде нов гол во вториот дел. После проверка на ВАР, во 53' минута Орхус доби пенал кој го реализираше Кристијан Арнштад за 0-2.
Во 75' минута стадионот на Лех беше смрзнат по примениот трет гол. Фредерик Тингагер погоди за 0-3 и Орхус ја израмни негативата од првиот натпревар.
Средбата отиде во продолженија а таму во 95' минута Лех конечно постигна гол преку Филип Јагијел за 1-3 и навивачите можеа да здивнат. Но за кратко затоа што во 100' минута Томас Оли Кристијансон погоди за 1-4 и за израмнување на вкупниот резултат 4-4.
Се прејде на драматичните пенали.
Лех имаше предност после првата серија но јунак на мечот беше голманот на Орхус Мадс Хеденштад кој одбрани два пенали по ред, прво на Алахјар Сајадманеш па на Антони Козубал со што го однесе својот состав во 3. квалификациско коло.
Данскиот првак таму ќе игра против Сабах од Азербејџан а Лех Познањ ќе продолжи во квалификациите за Лига Европа каде ќе има лесна задача против КИ Класвик од Фарски Острови.