Најлош старт на Ливерпул, Ван Перси го спаси Јунајтед

Со првенците на Подолски и Казорла, екипата на Арсенал ја прослави првата победа оваа сезона, а Ливерпул го забележа најлошиот старт во последните 50 години. Робин ван Перси постигна хет-трик и повторно беше херој на Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Саутемптон.

По поразот од ВБА и ремито со Манчестер Сити, Ливерпул повторно претрпе пораз и тоа на свој терен од Арсенал. По три одиграни кола екипата на Брендон Роџерс има освоено само еден поен и го израмни мизерниот рекорд од 1962-та година кога Ливерпул освои само еден од можните девет поени на стартот од сезоната.

Најзаслужни за победата на Арсенал беа новите засилувања Лукас Подолски и Санти Казорла со што по лошиот старт на сезоната и по два натпревари без постигнат, но и без примен гол, тие забележаа победа и тоа на тешкото гостување на Енфилд.

Манчестер Јунајтед беше на работа на пораз на гостувањето кај Саутемптон, но Робин ван Перси од трагичар по промашен пенал, постигна хет-трик и стана херој.

Први поведоа домаќините преку Ламберт во 16-та минута, но набргу израмни Ван Перси. Саутемптон по втор пат дојде во водство по десет минути во второто полувреме и го задржаа водството се до пред самиот крај.

Во 71-та минута Ван Перси беше соборен во шестнаесетникот и судијата досуди најстрога казна. Тој реши да го изведе пеналот и погреши. Голманот Дејвис лесно го задржа неговиот лош обид од белата точка.

Сепак на крајот Робин ван Перси се искупи за грешката. Најпрвин тој израмни во 87-та минута, а во последната минута го постигна и својот хет-трик за победа на Манчестер Јунајтед.

ПРЕМИЕР ЛИГА, 3. КОЛО

недела:
Ливерпул – Арсенал 0:2 (0:1)
Подолски 31, Казорла 68

Њукасл – Астон Вила 1:1 (0:1)
Арфа 60 - Кларк 22

Саутемптон – Манчестер Јунајтед 2:3 (1:1)
Ламбер 16. Шнедерлин 56 - Ван Перси 23, 87, 92

сабота:
Вест Хем – Фулам 3:0 (3:0)
Нолан 1, Рид 29, Тејлор 41

Свонси – Сандерленд 2:2 (1:2)
Рутлиџ 45, Мику 66 – Флечер 40, 45

Тотенхем – Норич 1:1 (0:0)
Дембеле 69 – Снодграс 85

ВБА – Евертон 2:0 (0:0)
Лонг 66, МекОли 83

Виган – Стоук 2:2 (1:1)
Малони 5п, Санто 49 – Волтерс 40п, Крауч 76

Манчестер Сити – КПР 3:1 (1:0)
Јаја Туре 16, Џеко 61, Тевез 92 - Замора 59

2 септември 2012 - 19:14