Не беше доволен Феноменот од Корковадо во Бразил, ниту Уругваецот Рекоба и Бобо Виери. На 5. мај 2002 година се случи спортското самоубиство на Интер во режија на Вратислав Грешко.
За некои страствени навивачи на Нероаѕурите ниту катарзата под водство на Жозе Мурињо не им ги залечи ранети од сигурната титула која во 2002. година им избега во последното коло на Олимпико. Мечот во Рим ќе остане запаметен по ироничниот аплауз на Симеоне кон своите навивачи, голот на Бобо Виери по подарокот од Перуци, прекрстувањето на Морати и пред сè грешката на Грешко, кој со глава ја врати топката до Поборски.
Авантурата на Грешко во Интер заврши таму, на Олимпико после 20 месеци во дресот на Интер. Следната сезона играше во Парма, Италија ја напушти во 2003. година и направи кариера за почит: По 3 години во Блекбурн се врати во Германија, каде експлодираше во дресот на Нирнберг и Баер Леверкузен. Последните години од кариерата ги помина во татковината каде играше фудбал и работеше во театар. Во Италија уште не го забораваат, а Словакот даде интервју за Газета дело спорт.
Пред сè честитки на одличниот италијански, го зборуваш одлично после 12 години.
„Благодарам. Во слободно време секогаш ги учев јазиците на земјите каде живеев. Денес зборувам англиски, германски, италијански, а разбирам и руски“.
Реши да кажеш доста. Ти пројде волјата или нема веќе бензин?
„За неколку недели ќе наполнам 38 години, го дадов тоа што можев. Мислам дека е прав момент да завршам и да им оставам простор на новите генерации“.
Ја заврши кариерата во ФО ЗП Спорт Подбрезова. Кажи ни за тоа?
„Подбрезова е град со 5 илјади жители. Во градот е седиштето на Железиарне Подбрезова, една од најстарите и најважни железарници во централна Европа. Пред некоја година компанијата одлучи да инвестира во клубот и јас го поддржав проектот. За четири години два пати влеговме во првата лига, а првата година успеавме и да избориме опстанок во Суперлига“.
Каква оцена ѝ даваш на кариерата на Вратислав Грешко?
„Можеше да биде полошо, но и подобро. Имав неколку повреди на коленото што ме спречуваа да играм. Покажав колку вредам во Серија А, во Премиер и во Бундеслига каде играв европски натпреварувања. Ја делев соблекувалната со шампиони како Виери, Занети, Роналдо, Балак, Хамшик, Видал што значи не можам да се пожалам. Денес ми останаа само убави спомени и прекрасни пријателства“, додава Грешко.
Знаеш добро дека во Италија твоето име недвосмислено е поврзано со 5. мај и неверојатниот шампионат загубен во последното коло.
„Сите ја сакавме титулата и разочарувањето на крајот беше големо. Сепак, искрено нема смисла да се зборува за нешто што се случи пред 15 години. Животот оди понатаму и секогаш ќе доаѓаат нови борби“.
Сакаш да кажеш дека шегите на ваша сметка во последниве години не ве погодија многу?
„Тоа не беше последен пат некој да загуби титула во последно коло. Ми се случи уште два пати: На почеток на кариерата додека играв за Интер Братислава и потоа во Германија со Баер Леверкузен. И ден денес се прават грешки што влијаат на резултатот. Не кривам никој, тоа не ми е манир“.
Научи да живееш со етикетата на губитник?
„Секогаш се трудев да научам од сè што ми приредувал теренот. Во спортот постојат и порази. Разликата е во тоа колку си спремен да се подигнеш после нив“.
Вистина ли е дека Тардели те сакал во Интер по секоја цена?
„Се прославив за време на ЕП У-21 во 2000. година. Тој беше селектор на Италија кога јас играв лев бек за Словачка. Одиграв страшен натпревар и многу екипи ме контактираа. Тогаш веќе играв во Леверкузен“.
Тардели остана во Интер уште некој месец, потоа дојде Хектор Купер. Каква беше соблекувалната на Интер во тоа време?
„Од мене ќе слушнете само убави зборови, Интер и семејството Морати ми се во срцето. Горд сум што играв за Интер. Во Италија, иако поминаа многу години уште имам многу пријатели. Од Ди Бјаџо, кој го сретнав кога дојде во Словачка со Италија У-21, до капитенот Занети и Толдо“.
Какво искуство беше да се чува Роналдо, макар само на тренинг?
„Рони не можеше да се чува, тој е Феномен. Ми беше како брат, во Милано живееше над мене. Со години сакам да го поканам во Словачка и порано или подоцна ќе го викнам“.
Го следиш ли уште италијанското првенство?
„Го следам колку ми даваат обврските, и покрај проблемите што го погодија италијанскиот фудбал во последните години. Кога Интер го освои првенството бев многу среќен, славев и частев“.
Се враќате ли во Италија?
„Доаѓам барем еднаш или два пати годишно. Кога доаѓам се сместувам во куќата на еден приајтел кој живее надвор од Милано. На улица ме препознаваат уште, ми бараат заедничка слика и ми заблагодаруваат“.
Твојот живот сега е во Словачка?
„Со години сум овде и живеам во мојот роден град, Банска Бистрица. Веднаш откако се повлеков, управата на клубот Подбрезова којшто е 30 километри од мојот дом ми понуди да работам како раководител. Сега пресметувам дали да прифатам или да паузирам од фудбалот после многу години“.
Сега се занимаваш со театар. Како се роди љубов за трагедијата?
„Театарот ми е пасија со години, но секогаш во слободното време. Театарот е голем спектакл, како фудбалот. И како на терен, така и во театар треба многу напор и посветеност. Пред некоја година решив да отворам театар во мојот град и оди добро. Деновиве реновираме и во декември продолжува сезоната.
Хамлет, Махбет? Која ти е омилена улога на сцената?
„Да не се шегуваме. Во мојот театар играат само вистински актери, професионалци. Јас ја организирам програмата, календарот и се грижам за маркетингот. Тука застанувам“.
Кобното попладне за Интер и Вратислав Грешко: