Најдобриот документарец за Марадона после кој ретко кој може да се соземе

Режисерот на оваа документарка цели 10 години собирал видео-материјали од сите страни на светот. Правел сложувалка која на крајот даде еден преубав филм со тажен крај. Диегито може да се доживее најдобро преку овој документарец.

Пред пар месеци на Канскиот филмски фестивал премиерно се даваше филмот „Диего Марадона“ за седум години на Аргентинецот во Наполи, за триумфот на Светското 1986 и односот со наркотиците.

Во овој документарец нема никакви сегменти од современоста, нема исечоци од трејлери на БиБиСи или бескрајни разговори на главниот јунак со режисерот како во „Марадона“ на Кустурица. Само два часа неверојатни атмосферни архивски записи со авторска музика, која уште од првите кадри ќе ве пренесе во ’80-те години:

Британскиот режисер Асиф Кападиа продолжи со серијалот документарни филмови за луѓето кои цел живот балансирале меѓу славата и депресијата. „Диего Марадона“ бил логичен крај на трилогијата: Пред 9 години Кападиа снимил филм за легендарниот Сена, а во 2015-та година собрал богата историја за пеачката Ејми Вајнхаус.

Тој признава дека идејата за филм за Марадона му истекнала многу пред другите документарци, но решил 10 години да собира мастраф за реализација на ова ремек-дело.

Оние кои го гледале документарецот тврдат дека откако го изгледале, многу сожалуваат со можеби најголемиот фудбалер на сите времиња. Дури и во една Англија која не може да му го заборави голот со рака во четвртфинале на Светско првенство, во полна сала, гледачите 15 минути не можеле да се соземат.

РЕЖИСЕРОТ ИЗГЛЕДАЛ 500 ЧАСА АРХИВСКИ ВИДЕОМАТЕРИЈАЛИ

Најјаките 10 години во кариерата на Марадона почнуваат со кадри од улиците во Неапол. Хаотичен италијански сообраќај, диско музика, коли што свират. На прес-конференцијата за промоција на Диего, на Сан Паоло дошол пола град:

Првото новинарско прашање било: „Знаете ли вие, дека Камора (најголемата неаполска мафија) е бесна на претседателот на Наполи Корадо Ферлаино“?

Одговорот бил жесток: „Сите толку многу работевме за овој трансфер да се случи (во Неапол наводно се собирале пари од врата до врата за да имаат доволно да го купат Марадона), а вие сега прашувате за поврзаноста со криминалот и дека мафијата дала пари за него?! Нема да толерирам такви прашања, и сакам одма да ја напуштите прес-конференцијата! Кој ќе го именува претседателот ќе биде избркан од салава“, рекол портпаролот на клубот.

Видеото не покажува само какво лудило имало околу Диего, туку и со колку мака е добиено. Документираната прес-конференција, режисерот Асиф Кападија ја барал неколку месеци: за тој случај пишувале весниците, но видеото никој никогаш не го видел јавно. На крај екипата на режисерот нашла 12 секунди материјал во архивската соба од телекомпанијата од Неапол. Продуцентката на документарецот, Фиамета Луино отпатувала за Италија.

„Не одговараа на моите повици и писма, така што просто отидов едно сабајле во канцелариајта и реков: „Денес во 6 имам авион. До тогаш немам што да правам, па ќе седам овде. Не се секирајте, не се брзам, просто ќе чекам некој од вашите директори да излезе од канцеларија. Ми требаат само 5 минути разговор“.

Вечерта до 18 часот продуцентката ја имала снимката во рака.

Во работа за документарката, режисерот Кападиа изгледал повеќе од 500 часа видео материјали! Собирале кадри од цел свет, од многу луѓе, телевизии и новинари.

„Тоа е како да сложувате сложувалка. Имаш стотина мали парчиња од сложувалка, ги гледаш поединечно и мислиш, ништо не е тешко. Но треба да ги ставиш сите заедно на право место за да добиеш убава слика“, рекол Кападиа за време на фестивалот во Кан.

ГЛАВНАТА БИТКА: ДИЕГО ПРОТИВ МАРАДОНА

Во филмот до крај не е јасно, зошто Марадона завршил баш во Неапол. Со зарипнат глас тој еднаш зборувал за силната Серија А во 1980-те години, но чесно е да се каже дека Наполи секогаш бил просечен клуб, далеку од гигантите Милан, Јувентус и Интер.

Диего зборувал и за парите кои наводно го примамиле да дојде во Наполи:

„Барав куќа, а ме вселија во стан. Барав Ферари, а ми дадоа Фиат. Секогаш добивав помалку отколку што барав“.

Единствен аргумент кој е одржлив е неговата изјава дека не му се допаѓала Барселона и сакал да смени средина. За првите години од кариерата пред Неапол, режисерот брзо менува кадри од Аргентина и Шпанија, а потоа почнува животот на Марадона во Неапол каде славниот триумф станува се поголема одговорност и го фрла Диего во депресија.

Во документарецот се зборува за најголемиот успех во неговата кариера, кога станал светски шампион со Аргентина во 1986-та а славјето му го заматило приказната со вонбрачен син.

Првото скудето со Наполи направило божество од него, а славата не му дозволувала ни да помисли да излезе на улица од илјадниците навивачи.

По триумфот на Наполи во Купот на УЕФА 1989 година, тој барал од претседателот на клубот Корадо Ферлаино да го пушти да замине, но овој не сакал да го изгуби најдобриот играч на светот:

„Чесно и искрено ми кажа освоил се со Наполи и дека сака да си оди. Но ако го имате Марадона, ни за што нема да сакате да го продадете. Како да го држев во заложништво“, признал еднаш Ферлаино.

Во ситуација кога немал како да избегне од депресијата, Марадона удрил на ноќен живот. Од една страна било малото и сиромаво дете од предградието на Буенос Аирес, мамин син со четири постари сестри кои само сака да игра фудбал.

А од друга страна, митот кој го направија од него и го сметаа за Бог бил товар кој секој човек не може да го издржи. „За Диего би отишол и на крајот од светот, но за Марадона не би мрднал ни чекор“, признал Сињорини, негов другар и соиграч од Наполи.

Детската непосредност на Диего се јавува повеќе пати во документарката. На пример, после победничкиот гол на Светското првенство 1986-та, Марадона отишол дома, а мајка му им раскажувала на новинарите како 26-годишниот Диего спие по цели денови: „Спие, не сака да стане цел ден, а некогаш му носам колачиња и млеко“, рекла мајка му.

На Светското првенство во еден кадар тој ја покажува својата хотелска соба. Над креветот има фотографија од девојка му, икона од Дева Марија и голем постер од разни модели, како што чувал и секој втор млад човек во ’80-те одини.

Кадар кој најчесто ги смее присутните во киносалите каде се прикажува документарецот е оној кога му наоѓаат под креветот пар Playboy списанија.

На Мундијалот во Мексико играл со тешки мисли за неговата бремена љубовница, а речиси целиот свој живот го негирал татковството кое го призна дури во 2018-та година.

„Јас многу ја сакав Клаудија, но не бев светец. Околу мене секогаш имаше многу, многу убави жени. Неверојатно убави“, вели во еден кадар.

Во документарецот може да се видат и снимки од неговите дружби и блискост со кланот Џулијано, едно од најголемите мафијашки семејства во Неапол во средината од ’80-те години.

Диего поминувал многу време во дружба со оваа влијателна фамилија, а при секоја средба браќата Џулијано го дарувале Диего со златен часовник Ролекс. На крајот од ’80-те Марадона изгледал во очајна состојба: по еден саботен меч за Наполи отишол да руча во ресторан, а завршил во клуб каде шмркал кокаин.

Во таква состојба знаел да биде дури до следниот вторник, и дури во среда доаѓал на тренинзи па го чистел организмот пред натпреварите (кокаинот најчесто излегува од крвта после 1-2 дена, а од мокрачата за 3-4 дена).

Единствено нешто што го спречило да стане сериозен зависник од кокаин бил Мундијалот 1990 во Италија кога цел свет очекувал Аргентина да го освои златото.

ОДМАЗДАТА ЗА АНГЛИЧАНИТЕ

Режисерот Кападиа вметнува кадри од две Светски првенства преку социјално-политичка карта на светот во тоа време. Мечот против Англија во 1986 бил прочуен и поради војната меѓу овие две земји за Фолкланд во 1982 година. Аргентина тогаш ја изгубила војната, а Марадона после четири години имал шанса да ја одмазди својата татковина.

„Ако сакате некому да му раскажате за феноменот Марадона, тогаш пуштете му го мечот против Англија. Во тие два гола е сè што значи Диего“.

Авторите на документарецот толку умешно ја сложиле сложувалката, што кога доаѓа моментот да се појави Светското 1990, гледачите веќе знаат дека стигнале до најжалната станица од светската фудбалска хроника, кога кокаинот го срушил сонот на Диего, а уште еден претседател не сакал да го пушти од Наполи.

Со херојот тогаш сочуствува секој кој го гледа документарецот. 

Најжестока реакција предизвикал потенцијалниот меч Италија - Аргентина во Неапол, во полуфиналето од Светското првенство 1986-та.

Еден од коментаторите во документарката вели дека властите требале да спречат тој меч да се игра во Неапол, но тоа не се случило. Полуфиналето донело раскол. Марадона на прес-конференција пред мечот рекол дека Неаполитанците треба да навиваат за него и за Аргентина, зошто Неапол не е Италија.

И сериозно, и пред Марадона и после Марадона постојат жители на Неапол кои тврдат дека не се Италијанци, туку Неаполитанци (вечниот ривалитет меѓу северот и југот на Италија).

Аргентина ја совлада Италија на пенали и влезе во финалето каде изгуби од Западна Германија. На „Олимпико“ во Рим скоро цел меч го исвиркувале Марадона за изјавата за Неапол како неиталијански град. После тоа останува уште пола година во Неапол, додека не падне на допинг во март 1991 година. Италијанската фудбалска федерација го суспендирала на цели 15 месеци и тој ја напуштил Италија.

Колку тоа го скршило зборува и еден од последните кадри во филмот, кога пред суспензијата, на една роденденска вечера пред да замине од клубот, погледот му е целосно изгубен а тој е длабоко замислен.

Фимот завршува со интервју со Марадона после 10 години. Остарен и изнемоштен, тој раскажува за рехабилитацијата и се расплакува кога зборува колку му било срам пред сопственото семејство.

„Само сакав да играм фудбал“, вели најголемиот бунтовник, херој и цар на сите времиња.