Столе Димитриевски неколку сезони уживаше углед на одличен голман додека го чуваше голот на Рајо Ваљекано. Особено се паметат неговите партии против Реал и Барселона, па одбранетиот пенал на Лионел Меси итн.
Но откако премина во условно поголемиот клуб Валенсија, на Столе кариерата му тргна во надолна линија затоа што не брани, не добива шанса, а неговиот поранешен клуб Рајо игра еврокупови.
Во зенитот на кариерата за Столе Димитриевски интерес покажа Барселона која кубуреше со повреди голманите па се сноаѓаше како знае и умее.

„Сè беше договорено (со Барселона), но Нето си замина и трансферот не се реализираше“, вели Столе Димитриевски.
Во меѓувреме на негова адреса стигнала вртоглава понуда од еден клуб од Саудиска Арабија.
„Сумата што ми ја понудија беше меѓу 10 и 20 милиони евра за три години. Но мислев дека не е моментот за преселба на Блискиот Исток. Сакав да продолжам да се натпреварувам во Примера и да останам на највисоко ниво. Верувам дека имам уште четири-пет сезони пред себе“, вели македонскиот голман од Куманово кој не ја отфрла можноста во иднина сепак да замине на саудиско тло кога ќе почуствува дека е право време за тоа.

Столе спомена и за статусот во Валенсија, некогашниот шпански гигант кој веќе неколку години дреме во сувата просечност и од година во година се спасува од испаѓање во втора лига.
„Кога дојдов планот беше јас да бидам прва опција по неговата продажба (Грузиецот Мамадаршвили во Ливерпул). Но клубот го смени курсот - Мамардашвили остана а јас чекам шанса. Не се согласувам со одлуката на тренерот но ја почитувам. Немам пад на мотивација“, вели Димитриевски кого со Македонија го чека тешко гостување во Кардиф кај Велс во борба за баражот за Светско првенство.
Притоа Столе додал и дека летово имал добри понуди од клубови од Ла Лига, Серија А, од Турција и Блискиот Исток но Валенсија поставила висока оштета која ги откажала другите клубови од интересот за голманот.
Димитриевски неодамна за првпат после цели осум ипол месеци застана меѓу стативите на Валенсија и бранеше во натпревар од шпанскиот Кралски Куп против нисколигаш.
