Роден во 2007-ма година, голманот Масимо Песина доби шанса од храбриот тренер Винценцо Италијано во 8' минута од мечот кога поради повреда натпреварот мораше да го напушти првиот голман на Болоња ветеранот Лукаш Скорупски.
Во отсуство на вториот голман Раваља, Италијано бил принуден да го стави младиот Песина. Овој не само што му врати со одлични одбрани, туку и ја сочува непипната својата мрежа и ги одби сите напади на Наполи за кој од почеток играше Елиф Елмас.
Токму после една парада по шут на Елмас, Песина се окуражи, доби овации од трибините и бранеше како зад себе да има две Светски и две Европски првенства.
По својот одличен настап кој ќе го памети по триумф 2:0 над големиот Наполи (головите за Болоња ги дадоа Тијс Далинга и Џон Лукуми), соиграчите го кренаа Песина на раце, тој плачеше додека цел „Ренато Дал'Ара“ му го скандираше името.
Му честиташе и противничкиот голман, Вања Милинковиќ-Савиќ:

КОЈ Е МАСИМО ПЕСИНА?
Роден е во Алзано Ломбардо, место близу Бергамо, на 25-ти декември 2007-ма година што значи дека полнолетен ќе стане 15 дена по својот дебитантски настап во најдобрата италијанска лига. Интересно, од неговото место Алѕано Ломбардо е и најголемата фудбалска фигура во историјата на Болоња Бепе Сињори.
Масимо Песина е висок 2,02 и важи за еден од најголемите голмански таленти во Италија.
Првите голмански чекори ги правел во Албинолефе од каде на 13 години дошол во Болоња. Веќе брани во младинската Лига на шампиони за младинците на Болоња, а повикан е и за Италија У-21. Со репрезентацијата У-17 станал европски шампион пред неколку месеци.
Вели дека идоли му се Џанлуиџи Буфон (иако Песина уште не бил роден кога Џиџи во 2006-та го крена пехарот за светски шампион со Италија) и Мануел Нојер.

За потсетување вака започна и Џанлуиџи Донарума кој доби шанса од Синиша Михајловиќ во Милан на 16 години, а потоа стана најдобар светски голман, освои Европско првенство со Италија и Лига на шампиони со ПСЖ.