Што се случува?
По одложувањето на пријателските средби Германија - Холандија и Белгија - Шпанија минатата недела, дневниот лист Хановер Алгемајне Цајтунг пишуваше дека германската полиција осуетила терористи кои планирале пет експлозии, како на стадионот во Хановер, така и во градот за време на натпреварот. Во многу земји е зголемено нивото на безбедност, а и самите клубови се приморани да ја зголемат сигурноста.
Зошто се фатија терористите за стадионите?
Прво затоа што има многу луѓе на ограничен простор и според нив поголема можност да го зголемат бројот на жртви. Вол Стрит Журнал и Л’Екуип наведоа дека според полициски извори, терористите во Париз имале намера со експлозијата на еден од штандовите пред стадионот да предизвикаат паника, по што би следувале и другите експлозии додека луѓето бегаат од стадионот.
Второ, милитантите на Исламската држава имале мошне негативен став кон фудбалот. Во јануари ликвидираа 13 тинејџери за време на младинскиот азиски куп меч меѓу Ирак и Јордан (1:0). Егзекуцијата беше јавна, а милитантите долго време не им дозволувале на родителите да се приближат до телата на убиените деца. Како што наведоа терористите, фудбалот „ги носел штетните западни вредности кои се спротивни на шеријатскиот законик.
Каде е најопасно?
Во моментов во Белгија. Во Брисел мерките на безбедност се на највисоко можно ниво, а кризниот центар при белгиското МВР препорача да се одложат сите првенствени натпревари во Белгија. Раководството на лигата гласаше против таквиот предлог. Инаку оваа одлука била мотивирана од фактот дека вонредната ситуација била само во главниот град, а во другите градови било мирно.
Какви мерки на безбедност преземаат клубовите и полицијата?
Во Франција се забранети гостински навивачи во тековното коло. При влезот на стадион забрането е да се носат чанти, капи и обемни предмети. Детално се прегледуваат сите гледачи, а во Белгија се забраниле дури и малите детски ранци. Во Шпанија, за време на дербито Реал - Барселона имало рекордни мерки на безбедност. На стадионот имало 2.517 редари и 1.200 полицајци. На навивачите им ги прегледувале и сендвичите а прегледувани се и стотици автомобили паркирани во близина на Сантиаго Бернабеу.
„Безбедносните мерки се најсериозни во историјата на спортските настани во нашата земја", изјави секретарот за безбедносни прашања во шпанската влада, Франциско Мартинез.
Во Германија исто така имало ригорозни контроли пред натпреварот Хамбургер - Борусија Дортмунд кој доцнеше 15 минути поради бавното влегување на навивачите. Пред натпреварот Барселона - Рома од ЛШ во вторник, музеите и продавниците на Каталонскиот клуб ќе се затворат порано од вообичаеното, во 14:00 часот.
Има ли играчи кои сакаат одложување на натпреварите?
Нема, дури нема ниту играчите на ПСЖ од кои некои (голманот Сиригу) беа директно погодени од нападот во Париз.
„Ситуацијата е тешка, не погоди апсолутно сите, не само играчите. Но секој фудбалер ми кажа дека сака да игра, не бараше да го напушти хотелот. Животот оди понатаму и одложувањето на средбите ќе биде само плус за терористите", изјави тренерот на Парижаните пред мечот со Лориен кој Светците го добија 1:2.