Во соблекувалната на Белгија не се зборува ниту на холандски, ниту на француски туку на англиски јазик, со цел да се избегне перцепција дека еден јазик се фаворизира во однос на друг, пишува БиБиСи.
Играчите меѓу себе и на теренот зборуваат англиски поради што многу новинари од Велика Британија биле изненадени за време на мечот со Англија минатиот четврток во групна фаза.
Мнозинството Белгијци кои живеат во фламанскиот север се од холандско говорно подрачје, а сите останати зборуваат француски. Има и мал дел кои зборуваат германски јазик.
Оваа поделба може да се види и во самата репрезентација која синоќа против Јапонија направи чудесен пресврт и од 0-2 се врати на 3-2 за триумфален пат во четвртфинале.
Еден од најдобрите фудбалери во Премиер лига, Кевин Де Брујне зборува на холандски јазик. Тој доаѓа од Гент во Фламанскиот регион, а Еден Азар доаѓа од француско говорно подрачје од Валонскиот регион.
Проблемот со јазикот во репрезентацијата на Белгија не е нов. Во 2014 година на една прес-конференција Томас Вермален и Аксел Витсел зборувале на различни јазици - стоперот говорел на холандски а играчот од средниот ред на француски. Портпаролот на Белгиската фудбалска репрезентација изјавил за Њујорк Тајмс дека тие организираат одделни интервјуа за француски и фламански говорители.
ЕТНИЧКА РАЗЛИКА
Во многу земји ова би изгледало некако бизарно, но во Белгија буквално се е поделено - од политичките партии до училиштата, театрите, кината, продавниците и весниците.
Општо е познато дека Белгија има огромен број на мигранти кои не зборуваат ниту холандски ниту француски како мајчин јазик, па англискиот се користи за нивна интеграција во белгиското општество.
Така е и во репрезентацијата. Некои фудбалери потекнуваат од семејства на мигранти. Ромелу Лукаку, на пример, кој е роден и израснат во Антверпен е познат како прав полиглота во селекцијата. Лукаку одлично зборува ШЕСТ јазици - холандски, француски, англиски, шпански, португалски и свахили јазик.
Ништо послаб не е ниту Венсан Компани, еден од најучените фудбалери на денешницата кој зборува дури пет јазици. Но некои од играчите кои доаѓаат од француско говорно подрачје се монолингвални и не зборуваат ниту холандски јазик.
Франкофонот Маруан Фелаини кој беше клучен во пресвртот на Белгија против Јапонија, еднаш од стручниот коментатор Фил Невил бил опишан како играч кој го зборувал најлошиот англиски јазик што некогаш го слушнал.
И покрај тоа што повеќето белгиски репрезентативци разбираат француски, англискиот јазик некако е „сигурно тло“.
„Со тоа што се користи англиски како заеднички јазик, организациите, институциите, па еве и белгиската фудбалска репрезентација не можат да бидат обвинети дека фаворизираат еден од холандскиот или францускиот јазик пред другиот“, вели Сузан Ванхујмисен, холандски говорител кој работи како новинар за БиБиСи.
Слична е ситуацијата и во другите мултикултурални земји на Светсково. На пример Швајцарија. Во неа се зборуваат четири јазици - германски, француски, италијански и рето-романски.
Рамон Вега, поранешен швајцарски репрезентативец кој играл од 1993 до 2001 година вели дека јазичната бариера често правела поделби и „кланови“ меѓу играчите:
„Германците, Французите и Италијанците седеа на одвоени маси за време на ручек и вечера. Рој Хоџсон ја водеше репрезентацијата на француски јазик но кога му се обраќаше на некој играч посебно, тој пробуваше да му се обрати на јазикот од неговиот кантон. Сите се разбираат меѓу себе но за да бидеш сигурен дека пораката е разбрана, треба да се преиначиш на неговиот јазик“, заклучува Вега.
На крајот, на кој јазик и да зборуваат, Белгијците го играат најубавиот фудбал на Светското првенство. Следна задача ќе им биде „да се разберат“ со Бразил, најголемиот фаворит за златниот пехар.