Миовски го обели образот на Македонија со Фарски Острови

По неубедливиот триумф над слабо рангираната Малта од 2-1, македонските репрезентативци вечерва во Скопје се спасија од блам и против Фарски Острови. Стрелец најдобриот македонски центарфор во моментов, Бојан Миовски со погодок во 82' минута.

Македонската фудбалска селекција оствари две победи за кои селекторот Благоја Милевски би рекол дека не треба „да им се гледа во заби“, иако и тој самиот а и играчите се свесни дека се далеку од посакуваната форма.

Селекторот Милевски за разлика од дуелот со Малта, вечерва направи шест измени. Од почеток ги немаше Димитриевски, Муслиу, Елмас, Трајковски, Зајков и Миовски. Некои беа отсутни поради повреда а некои беа резерви на клупата.

Во првиот дел македонските фудбалери имаа иницијатива но топката одново не одеше течно, исто како и на средбата со Малта поврзаноста меѓу редовите не беше сјајна.

Mилевски се обиде со Милан Ристовски и Илија Несторовски во тандем но очигледно е дека двајцата не функционираат добро во шпицот па нивната бледа партија придонесе за нула на полувремето. Единствена сериозна шанса за споменување е онаа на Езџан Алиоски кога топката заврши во пречката.

Во вториот дел Милевски направи пет измени, а нововлезените Елмас и Миовски ја освежија играта во нападот, па шпицот на шкотски Абердин на девет минути пред крајот од мечот ја спаси Македонија од очаен резултат и бламажа со далеку од реномираниот противник кој секаде служи за поправање на гол-разликата.

Вечерва македонската репрезентација доби уште еден дебитант откако својот прв меч во црвениот дрес го имаше и Јован Манев, дефанивецот на турска Адана кој влезе во игра на местото на Дарко Велковски.

Македонија во месец јуни ја очекува домашен меч со Украина на 16-ти јуни и гостински мегдан со силната Англија на 19-ти јуни на култниот и легендарен „Олд Трафорд“ во Манчестер.

27 март 2023 - 20:12