Нов извештај на Конгресот:

Трамп и Епстин се карале за 13-годишно девојче

Нов извештај на Комисија на Конгресот открива сведоштва на 11 жени за врските на Трамп со Џефри Епстин. Пет тврдат дека Трамп сексуално ги нападнал. Некои биле на возраст од 13 години. Многу од обвинувањата веќе беа јавно достапни, но сега се официјализирани во владин документ во кој се нудат „повеќе од доволно докази“ за отворање истрага и кривично гонење на Трамп.

Во документот насловен „Имаме одредени заеднички работи, Џефри“, потпишан од демократски членови на Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом, се наведуваат и докази дека Министерството за правда под раководство на Трамп активно ја попречувало истрагата за соучесниците во синџирот на Епстин за трговија со луѓе и се обидело да го спречи објавувањето на досиејата за да го заштити претседателот, пишува порталот MintPress. И покрај отпорот, името на Трамп се појавува околу 38.000 пати во веќе објавените страници од досието.

Беатрис Кеул - поранешна Мис Швајцарија изјавила пред Комисијата дека во 1993 година Трамп сексуално ја нападнал во Њујорк. Ѝ понудил да ѝ обезбеди место на Универзитетот во Њујорк, но кога дошла на „состанок во врска со студиите“ ја нападнал од зад грб, ѝ го скинал фустанот и ѝ предизвикал крварење и модринки по телото.

Жена со псевдонимот „Кејти Џонсон“ во тужба тврди дека Трамп ја силувал и сексуално ја злоставувал во повеќе наврати во 1994 година, кога имала само 13 години. На забава кај Епстин во Њујорк, ѝ било наредено да се соблече по долна облека и да го допира пенисот на Трамп. Според нејзиното сведоштво, Епстин и Трамп се расправале кој да ѝ ја одземе невиноста. Епстајн се разбеснил и „брутално ја силувал“ откако дознал дека Трамп веќе го сторил тоа. Во документите пишува дека двајцата ѝ се заканиле дека „ќе исчезне“ исто како лице чие име е избришано од редакторите.

Во посебна тужба, Џонсон наведува дека во друга прилика го молела Трамп да користи кондом, на што тој ја удрил по лицето и викнал дека „ќе прави што сака“. Потоа фрлил пари кон неа и ѝ рекол „направи си абортус“.

„Џејн Доу 4“, исто така била на 13-годишна возраст кога била нападната од Трамп во 1983 година. Пред ФБИ сведочела дека го гризнала Трамп кога ја принудил на орален секс, по што тој ја удрил по лицето. Епстин повеќе пати ја носел со авион во Њујорк, каде што била понудена како „свежо месо на интимни собири со други, истакнати и богати мажи“, при што била „брутално и насилно тепана, напаѓана и силувана“.

Стејси Вилијамс, манекенка која била во врска со Епстин, изјавила дека Трамп ја допирал по интимни места на божиќна забава во хотелот Плаза. Епстин ѝ се налутил затоа што дозволила Трамп да ја допира.

Неговите раце беа насекаде по мене. На градите, на задникот, на колковите – горе-долу, сведочела Вилијамс.

Џил Харт тврди дека во 1993 година, Трамп насилно ја внел во спалната соба на неговата ќерка во „Мар-а-Лаго“, ја бакнувал и допирал несоодветно, и не ѝ дозволил да си замине.

„Џејн Доу 1“ имала 14 години кога Епстин ја однел во резиденцијата Мар-а-Лаго и му рекол на Трамп: „Оваа е добра, а?“. Детално го опишала сексуалното злоставување од Епстин и други, но меѓу нив не бил Трамп.

Марија Фармер, поранешната асистентка на Епстин тврди дека Трамп ја нападнал во канцеларијата на финансиерот во Њујорк. Епстин му рекол дека Фармер „не е за него“, па го одвел во друга просторија, каде што наводно чекала уште една девојка. 

„Кејт“ му била претставена на Трамп преку Гислејн Максвел, партнерката на Епстин, со „јасно знаење дека е достапна за секс“. Сепак, немала сексуален однос со него.

Во извештајот, исто така, детално се анализираат и „непрекинатите“ обиди на Министерството за правда да го спречи објавувањето на инкриминирачки документи за врските на Трамп со Епстин, со цел да го заштити претседателот.

Министерството за правда активно ја попречувало истрагата за Епстин за сите соучесници, се обидело да го спречи објавувањето на досиејата на Епстин, а потоа објавило нецелосен и силно редактиран сет за јавноста - сето тоа додека ги криело клучните информации за Трамп. Како резултат на тоа, Министерството ефикасно им дало пропусница на сите лица кои учествувале во овој повеќедецениски, мултимилијардерски меѓународен синџир за трговија со луѓе, во кој жртви биле над 1.000 жени и девојки, се заклучува во извештајот.

Иако извештајот изнесува многу експлозивни обвинувања и експлицитно повикува на посебна истрага и гонење, малку е веројатно дека тоа ќе доведе до реални последици, дури и ако на изборите утре обезбедат мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот на САД.

Историски гледано, демократите покажаа мал интерес за објавување политичка граѓанска војна, особено поради врските на поранешниот претседател Бил Клинтон со Епстин, заклучува MintPress.

2 ноември 2026 - 14:26