„Зошто еден телевизиски капетан од осумдесеттите години сè уште нуди поамбициозна политичка визија од луѓето што нè управуваат?“, се прашува Рајан Зикграф.
Пикард управуваше со вселенски брод онака како што одреден тип на луѓе замислуваат дека треба да функционира една добра влада. Ги собираше своите главни соработници околу конференциска маса, ги сослушуваше сите, ги разгледуваше етичките аспекти, па дури потоа донесуваше извршна команда.

Претпочиташе преговори пред употреба на сила, третирајќи ги фотонските торпеда како последно средство. Со своите цитати од Шекспир и своето господско држење, олицетворуваше авторитет од кој, навидум, беше отстранет секаков авторитаризам – интелигентен, хуман, космополитски.
Пикард се појави во септември 1987 година, токму навреме за „крајот на историјата“ како што беше убеден Френсис Фукујама.

Две децении подоцна, голем дел од Америка веруваше дека избрала верзија на Пикард од реалниот живот. Барак Обама никогаш не криел дека е голем љубител на „Ѕвездени патеки“. Еднаш, во Овалната соба, со актерката од серијата, Нишел Николс, се сликаше со вулкански поздрав.
Во 2016 година за „Вајрд“изјави дека серијата влијаела врз неговиот поглед на светот, особено преку оптимизмот дека луѓето можат да ги надминат разликите и заедно да изградат подобра иднина.
Иако неговите „Ѕвездени патеки“ беа оние оригиналните од шеесеттите години па го поистоветуваа со Спок – смирениот Вулканeц опкружен со избувливи поединци, Обама владееше повеќе како Пикард отколку како капетенот Кирк кој беше авантурист па знаеше и бокс да мавне.
Пикард беше човекот од конференциската маса, што беше стил и на Обама. Во основата на „обамаизмот“ лежеше фантазијата за Пикард: дека слушањето е дел од лидерството а елоквентноста сама по себе претставува форма на моќ.
Сепак, постои една „квака“ кај моделот на владеење на Пикард: тој функционира бидејќи Федерацијата веќе го завршила најтешкиот дел од работата „зад сцената“. Неговата дипломатија се одвива во универзум каде што Клингонците на крајот потпишале договор, каде што во институциите на Ѕвездената флота може да се има доверба и каде што дури и негативците главно ги почитуваат протоколите при воспоставување контакт.
„Во Ѕвездени патеки, она што ги правеше говорите и репликите возбудливи беше тоа што општеството зад нив вредeше да се брани,“ пишува Зикграф.
Тој смета дека во реалниот живот, либералите се уште лутаат, без капетан се и не се на чисто каде бродот треба да оди. Едно време му се чинело дека демократите се зрели да се запрашаат која е целта на општеството за кое се залагаат.
„Но, тој миг очигледно помина; сега сите како да се помириле со тоа само да бараат нов „капетан“, иако суштинскиот проблем отсекогаш бил во тоа што извршната команда на Пикард функционира само ако некој претходно веќе го изградил бродот“.
