Според податоците на познатиот демографски портал Forebears, презимето на пилотот на Мерцедес е можеби најраспространето во Италија - има околу 26.000 презимиња Антонели или во просек едно лице на 2.300 жители. Историски се испоставило дека презимињата Антонели најчесто се во централниот и северниот дел од Италија поточно во Лацио.
Кими е роден на 25 август 2006-та година во Болоња во семејството на професионалниот автомобилист Марко Антонели, сопственик на тимот „АКМ Моторспорт“
Ако презимето е типично италијанско, тогаш многу навивачи кои следат Формула 1 се прашувале од каде му е второто име, Кими, по првото Андреа.
Има две верзии поврзани од кои една е поврзана со шампионот во Формула 1 од 2007-ма година.
Второто име на Кими го утврдиле на еден семеен состанок: според една верзија името Кими го предложил пријателот на семејството, поранешниот тркач Енрико Бертаџа а според друга името е поврзано со чичко му (брат на татко му) кој исто се вика Андреа Антонели, а чиј омилен пилот бил Кими Раиконен.
Дури и годинава, водачот на церемонијата на доделување награди по трката во Кина, го нарекол победникот: „Кими Раиконен“ на што младиот Антонели симпатично се насмеал и го прифатил лапсусот.
Варијанти за други спортови кај малиот Кими практично немало. Татко му Марко бил и уште е професионален тркач кој настапувал во класите GT32 и GT4, а подоцна станал сопственик на свој тим „АКМ Моторспорт“. Овој тим се натпреварува во класата Формула 4.
Мајка му Вероника исто така била блиска до автоспортот: таа работела некогаш во италијанска пошта но подоцна во целост се посветила да му помогне на сопругот за работите поврзани со автомото тимот.
Малиот Кими Антонели на 7 години за првпат седнал зад воланот на еден болид. На 10 години го забележале скаутите на Мерцедес а после само една година го довеле во нивната академија.

Школата на Ферари го приметила претходно но не потпишале договор со нив.
Познавачите на материјата велат дека сепак Ферари прв ја забележал неверојатната брзина на малиот Кими Антонели. Масимо Ривола кој е ловец на таленти за Скудерија а таа година бил спортски директор и раководител на академијата на Ферари а подоцна влегол во Мото ЏП во Априлија, прв го приметил талентот.
Ривола велел дека Антонели е уникатен талент и го викнал во Маранело. Таму го ставиле зад воланот на симулатор кој го користат во работата со младите воспитаници во академијата како и за тест-пилотите во Формула 1. Малиот воодушевил со природни инстинкти и со брза адаптација на нови услови. Но кога дошло време да потпишат договор со него, управата сметала поинаку.
Наводно раководното лице во Скудерија Ферари Маурицио Аривабене сметал дека 11-годишниот Андреа е прилично мал. Но Аривабене го демантирал тоа и наводно се вадел на организациски проблеми во тимот тогаш.
Други пак велат дека Ферари не прима во академијата деца помали од 14 години.
Андреа Кими Антонели живеел во Сан Марино, а не во Монако. До Болоња од таму имал околу 130 километри, а таму во Сан Марино била базата на тимот на неговиот татко. Во Сан Марино има помали даноци (35%) отколку во Италија (46%) па затоа тимот тркачи бил таму преселен.
Во Сан Марино Кими на 24 јануари 2026-та го донел олимпискиот факел пред Зимските Олимписки игри.

Во едно интервју за Атлетик легендарниот Тото Волф го нарекол младиот Италијанец „син“ и раскажал дека 12-13 годишниот Антонели живеел во соба со неговиот помлад син Џек, биле цимери. Самиот Кими Антонели ја потврди оваа сторија.
Џек сега се занимава со картинг и Антонели му помага со анализа на трасите. Интересно, со инженерот Питер „Боно“ Бонингтон кој работеше со Луис Хамилтон, Кими развил хемија: пред секоја сесија тој ја става заштитната фолија од својот визир под инженерската тастатура на „Боно“ заедно со порака.
На трката за Големата награда на Шпанија во Барселона Кими Антонели беше зад Џорџ Расел сè додека не се сетил на фолијата со порака - но тогаш неисправност на електричните инсталации на болидот пред крај на трката го чинеа пласман на подиумот.

Токму главниот инженер во Мерцедес, Питер „Боно“ Бонингтон е меѓу најзаслужните за историската титула на малиот Кими Антонели.
Интересно меѓу нив двајца „постои мала војна на мајтапи“, па така Италијанецот еднаш за својот роденден го испрскал инженерот со играчка пиштолче за вода, а овој му возвратил со употреба на ПП апаратот, додавање силно лут сос во водата на пилотот како и уфрлање конзерва печен грав во неговата лазања што за Италијанците е навреда.
За време на трката за ГН на Емилија-Ромања, Антонели нарачал повеќе од стотина порции домашни лазањи за нивното тимско мобилно сместување во патувачкиот циркус.
Во септември годинава, на трката за ГН на Италија, механичарите го измачкале со шлаг од тортата по повод неговиот 20-ти роденден. А шегобиецот Кими Антонели уште не се усудил да му направи некоја шега или да му подметне нешто на првиот човек на Мерцедес Тото Волф.
Италијанецот има и своја амајлија - привезок во облик на опашка од кит која мајка му ја подарила на Сардинија кога имал 12 години а неговиот омилен број е токму 12. „Во чест на Аиртон Сена“, рекол еднаш и додал дека дури и ако стане шампион не би возел со број 1. Боно понекогаш го вика „Луис“ од навика по грешка, по децениската соработка со Луис Хамилтон. Тоа се случувало на трките за Големата награда на САД, Холандија и Белгија.