Наполи има најчиста сметка, а Милан се дави во долгови

Новиот газда на Интер, Ерик Тохир ќе има многу работа околу финансиите во клубот кој 2013 година ја завршува со најголема загуба во Серија А. Најдобро пројдоа Наполи и Фиорентина кои не им должат на банките ниту евро.

Првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис може да се пофали со највесела нова година затоа што неговиот клуб покрај ангажирањето на Бенитез и Игуаин на кои навивачите најмногу се израдуваа, 2013 година ја завршува во позитива од осум милиони евра.

Наполитанците очигледно водат најпаметна економска политика, затоа што веќе седма година по ред бележат ќар на крајот од годината. Во изминатата најголемиот приход оствариле од ТВ правата (66 милиони евра), продажбата на Кавани (64 милиони евра), комерцијалниот сектор (31 милиони евра) и од продажбата на влезници (15 милиони евра)

Со добивка можат да се пофалат и Виолетовите кои заработиле милион евра, а за разлика од нив најголем долг остварил Интер кој годината ја завршува во минус од 81 милион евра. Рома загубила двојно помалку, Јувентус 16, Милан седум и Лацио шест милиони евра.

Според состојбата на целосните моментални сметки на најголемите седум италијански прволигаши, Наполи повторно може да биде најмирен и да мисли на нови трансфери бидејќи има најмали долгови од само четири милиони евра. Втор е повторно клубот Фиренца кој должи седум милиони.

Најмногу на штедење мора да мислат екипите од Милано. „Росоњерите" имаат вкупен долг од 251 милион евра, а зад него се Интер со долгови од 220 милиони евра.

Иако е најзадолжен клуб во Италија, Милан најмногу го одврзал ќесето во 2013 година и само за плати издвоил 184 милиони евра. Втор на оваа листа е актуелниот италијански шампион, а најштедлива била Фиорентина која за плати потрошила 52 милиони евра.

3 јануари 2014 - 12:27