Бројките кои ги остварија фудбалерите на Милан во изминативе 3 месеци се фасцинантни. Тие се единствената екипа без пораз во првенството во 2013 година со скор од 9 победи и 3 нерешени средби со вкупно 30 освоени бода. Првопласираниот Јувентус освои 24 бода и има учинок од 7 победи, 3 нерешени и 2 порази, а тимот на Наполи од почетокот на годината освои 25 бода со скор од 6 победи, 5 нерешени и еден пораз.
Милан ваков старт во вториот дел од сезоната немал ниту минатата година кога во овој период успеал да освои 25 бода, а уште поинтересно е што во сезоната 2010/2011 кога го освои Скудетото имаше освоено 7 бода помалку отколку сега. Споредбено со лидерите од другите три најсилни првенства само Баерн Минхен е поуспешен оваа година.
Како лидери во Бундес лигата тие имаат 10 победи на 10 меча, Манчестер има исто победи колку Милан, а Барселона има два порази во 2013-та, што значи дека има освоено помалку бодови за разлика од Милан.
Освен доаѓањето на Марио Балотели кој од јануари до сега постигна 7 гола, успехот на составот на Алегри лежи најмногу во силната одбрана.
Милан нема примено гол 379 минути или поточно само 6 на последните 12 средби. Доволно е да направиме споредба повторно со првопласираните две екипи на табелата. Јувентус примил 8, а Наполи 12.
Ако по првите 18 кола голот на Абијати бил совладан 26 пати или во просек 1,4 по натпревар, во 2013 година тој просек изнесува 0,5 голови. Најконстантен одбранбен играч оваа година бил Запата кој одиграл 10 од вкупно 12 меча, 6 пати во централната бековска позиција со Мексес и по 2 пати со Јепез и Бонера.
Иако тимот на Алегри оваа година е во страшен налет, речиси е невозмошно да ја анулира предноста на Јувентус од 11 бода, со оглед на тоа што на календарот остануваат уште само 8 кола до крајот, но најзагрезено е второ место на Наполи кој има само 2 бода предност. Најголемиот тест за одржување на оваа фантастична форма, Милан ќе го има во наредните 3 кола во кои ќе се сретне со Фиорентина, Наполи и Јувентус.