Разделбата меѓу Јувентус и Клаудио Маркизио помина без скандали. Немаше ниту протести од навивачите, ни огромни материјали на две страни во Tuttosport, ни провокациски прашања на прес-конференција.
Се заврши работно: соопштение од клубот за раскинување на договорот на ден до затворање на преодниот рок, обештетување за фудбалерот во висина од 3,5 милони евра, пост за благодарност на официјалниот Твитер на клуот и проштално писмо на Маркизио на Инстаграм.
Клаудио во Јувентус помина 25 години, ги пројде сите степени - од детски категории до прв тим. На 30 години го заработи статусот bandiera (во превод знаме, знаменосец), а неговиот портрет ги украсуваше подтрибинските простории на „Алијанц Стадион“.
Il Principino (Малиот принц), како што го викаа навивачите и новинарите, никогаш немал конфликт со тренерите, не го развлекувале по весници и никогаш не ја нарушил клупската дисциплина за 25 години.
Тоа придонесе да го стават во редот со легенди како Фурино, Бетега и Дел Пјеро.
Во неговата автобиографија „Црна на бело“ има комплименти на многу адреси на луѓето со кои созреал: Дел Пјеро, Занети, Трезеге, Недвед, Дешам, Ањели, Конте, Бонучи, Кјелини, Алегри, Бепе Марота.
Во автобиографија Маркизио како да имал визија за иднината на Јувентус па во еден дел пишува и за главното прашање на денешницата: „Кој е подобар: Меси или Роналдо“?
„Меси и Роналдо ми овозможија да направам разлика меѓу шампион и феномен... Меси со помош на својата (лева) нога може да направи се па дури и повеќе од тоа. Но Роналдо е посовршен“.
Клаудио зборува и за посветеноста на тренерот Масимилијано Алегри: „Тој е повеќе европски, отколку италијански тренер. Вистина е дека нас Италијанците тактиката ни е најважна, но Мистер е еден од тие кои особено ги цени индивидуалните квалитети кои ги поседува секој фудбалер и кои ја подобруваат играта на целиот тим. Тој буквално живее за фудбалот со страст“.
Маркизио се водел според примерот на познатиот писател Дејл Карнеги кој сметал дека главен постулат на авторот треба да биде: „Никогаш не критикувај никого“.
Но Маркизио не добил ништо за возврат.
Иако има статус на играч кој освои многу скудета, финалиња на Лига на шампиони, отворање шампањско итн. Клаудио не ја добил понудата за работа во администрацијата на клубот на „Јувентус Стадион“.
Неговиот менаџер е татко му Стефано. Тој изјавил дека следниот клуб на Маркизио ќе биде еден од Русија до Канада: Спортинг или Монако, Зенит или Торонто, Катар, МЛС и други. Само не Јувентус.
Во Италија не се ослонуваат многу на млади играчи, затоа и самиот Маркизио дебитирал за првиот тим на дури 24 години. А сега веќе не е член на Јуве.
***
Ако се погледне современиот фудбал во Италија ќе се види дека таму легендите живеат втора фудбалска младост после 30-та година (Антонио Ди Натале и Лука Тони станаа најдобри стрелци во Серија А на 30+ години, Алберто Џилардино играше на Светско со Италија, Франческо Тоти трет пат за десетина години ни објаснуваше што значи улогата треквартиста, а Даниеле Де Роси го потпиша најбогатиот договор во кариерата).
Дали Маркизио припаѓа во таа клапа?
Тој не играше многу во последната сезона поради повреди на коленото. Минатото лето, по мислење на навивачите тој бил еден од најдобрите во пред-сезната. Новинарите се воодушевиле на неговата игра против Барселона во САД.
Клубот се правда со големата конкуренција на негово место затоа што тимот го засилија многу нови играчи.
Дали бавноста е причина што не го задржаа? Не ќе да биде затоа што самиот Алегри го користеше Маркизио пред одбраната каде што не се троши многу енергија. Во есента 2014 Клаудио на таа позиција го замени повредениот Пирло и заврши голема работа во турбулетниот премин од играта на Конте.
Имал ли Маркизио конфликт со Алегри? Тоа е исправно прашање.
Маркизио важи за премногу мек и внимателен човек кој не се истрчува јавно да зборува. И дипломатот Алегри никогаш, па дури и во случајот со Бонучи не си дозволи да критикува некој од своите играчи.
Но дека имало некоја искра, имало.
Блиските пријатели на рамнодушниот Il Principino велат да се видат коментарите на веста за раскинување на договорот со Јувентус кои ги оставала жена му. Роберта Синополи цитирала една фраза од Микеле Плачидо кој бил стар навивач на Јувентус: „Во фудбалот, како и во кино, најдобро е кога те сожалуваат отколку кога те трпат.“
Медиумите тоа го пренеле како „Жената на Маркизио го напаѓа торинскиот клуб“.
Можно е тие да бараат читаност на неоснован конликт, но на жена му на Маркизио ова не и е првпат да коментира клучни настани од кариерата на својот сопруг. На 18 февруари 2018 година кога Јувентус го победи Торино со 1:0, италијанските весници пишувале дека Клаудио се појавил на теренот само на крајот од вториот дел. Тоа било причина да реагира и Роберта.
Притоа Јувентус неколку дена претходно играше тежок, исцрпувачки меч против Тотенхем во Лига на шампиони и групата играчи не била одморена 100%. А Маркизио го има прекарот „Човек дерби“ затоа што има четири гола во дуелите против градскиот ривал.
Алегри ни тогаш не реагирал, а Синполи ги цитирала зборовите на Џани Ерера дека „трпението завршува заедно со взаемното уважување“.
Во тој период на Јуве не му одеше најдобро. Во Серија А го бркаа првиот Наполи, а во Лига на шампиони имаа висока цел.
Во февруари Алегри не беше сигурен дека ќе остане на клупата на Јувентус, а навивачите сметаа дека 4 години се доволни на клупата на гигантот. Се вмеша и Реал Мадрид со интерес за италијанскиот тренер, а Маркизио беше оној кој два пати јавно го поддржа тренерот во тешки ситуации: во кошмарната есен 2015 и после демаршот на Бонучи.
ШТО НÈ УЧИ ПРИМЕРОТ НА МАРКИЗИО?
Дека преданоста е пријател кој има цена. И во ХХI век не сите гиганти се спремни да платат за неа. Дури и Јувентус со неговата традиционална италијанизација се адаптира кон современите услови.
Не случајно за првпат после 100 години на новиот амблем (грб) на Јуве го нема бикот - симболот на Торино. „Сињората“ се дистанцираше од статусот градска екипа.
Трансферот на Роналдо е голем чекор на патот на Јуве кон глобален бренд. И на тој пат нема место за чувства. Напротив.
Кога Вознијак и Стив Џобс се разделиле, тоа не му сметало на овој да го направи Apple најмоќна компанија на светот. Кога Марчело Липи ги шокирал сите кога го пуштил Роберто Баџо да го напушти Торино, тоа не му сметаше да го направи Јувентус најсилен клуб во Европа.
Кога Антонио Конте настојуваше дека за Дел Пјеро нема место, тоа не му сметаше да го избави Јувентус од проклетото седмо место. Така и денес Алегри и клубот решиле дека меѓу помладите и посвежи фудбалери нема доволно место за „Малиот Принц“ кој 25 години ги носеше боите на Јуве.