По малиот напредок во изминатите месеци и кога не игравме, фудбалската репрезентација на Македонија конечно направи скок на ФИФА ранг листата заради добар резултат.
Со победата на пријателскиот натпревар против Литванија, нашата репрезентација направи скок од пет позиции. На минатото издание на ФИФА ранг листата, Македонија со 331 поен беше на 102-та позиција, а на септемвриското издание нашата репрезентација се наоѓа на 97-та позиција со 364 поени.
Пред нас на листата се Финска, Нов Зеланд, Латвија, Оман и Катар, а зад нас се Зимбабве, Того, Кувај, Антигва и Барбуда и репрезентацијата на Бермуда.
Сите конкуренти од квалификациската група А за Светското првенство 2014-та година имаат далеку подобар пласман од нашата репрезентација. Најдобар рејтинг има Хрватска на осмото место, следува Белгија на 40-та, Србија на 42-та, Велс на 45-та и Шкотска на 47-та позиција.
На врвот на листата останува Шпанија, пред Германија и Англија, а на четвртата позиција се искачи Португалија. Во топ 10 се и Уругвај, Италија, Аргентина, Холандија, Хрватска и Данска.