Македонија на листата на највисоки казни од УЕФА

Србија и Русија се парично најказнувани федерации од УЕФА, а на листата со највисоки казни се уште и Шпанија, Хрватска, Бугарија и Македонија. Нас нè казнија во 2003-та поради расизам.

МАКЕДОНИЈА

Голема прашина се крена во 2003. година по мечот меѓу Македонија и Англија во Скопје. Англиските медиуми на големо пишуваа за расизмот на Градски, каде мета биле Ешли Кол, Сол Кембел и Емил Хески. Мечот заврши 1-2, а нашиот сојуз мораше да плати 25.000 евра казна во УЕФА и поради запаленото англиско знаме на западната трибина, пред почетокот на мечот. Англичаните се жалеа и на скандирања против Кралицата и величање на ИРА во Скопје.
 
СРБИЈА И РУСИЈА

Србите и Русите се браќа по казните од УЕФА. Веднаш зад нив е и Хрватска која има најмногу казни за дивеење на нивните хулигани. Русите се стандардни по казните за расизам, а најголемата парична казна досега отиде на сметка на Србија.
 
Српскиот фудбалски сојуз доби казна од 100.000 евра и два натпревари без публика, а УЕФА им одзема и три бодови за нередите на мечот против Албанија. По жалбата на албанскиот сојуз во Арбитражниот суд за спорт во Лозана, Србија остана без уште три бода.
 
ЦРНА ГОРА

УЕФА ја соголи и црногорската федерација, поради инцидентот на мечот против Русија во квалификациите на почетокот од годинава во Подгорица. Во втората минута од мечот, црногорските навивачи со бакља го погодија рускиот голман Игор Акинфеев. УЕФА немаше милост и ги казни Црногорците со 50.000 евра, бодови за Русија и 2 натпревари без публика. Рускиот сојуз за нереди на руските навивачи на тој меч беше казнет со 25.000 евра.
 
ИТАЛИЈА И ШПАНИЈА

Во 2012. година рускиот и шпанскиот сојуз заедно платија околу 60.000 евра во УЕФА. Русите поради расистички навреди кон чешкиот црн играч Теодор Гебре Селасија на ЕП 2012 платија 35.000 евра. Шпанците на истото првенство го навредуваа Марио Балотели и за тоа сојузот плати 25.000 евра.
 
Транспарентот „Ова е Русија“ кој се вееше на стадионот во Варшава на дуелот против Полска ги чинеше Русите 35.000 евра, а дополнителни 140.000 евра плати Зборнајата за хаосот што го направија нивните навивачи.
 
БУГАРИЈА

Бугарите во 2012 година ја пречекаа Англија во дуел од квалификациите за ЕП. Навивачите расистички ги навредуваа црнците од англиската селекција и поради тоа бугарскиот сојуз плати 50.000 евра. Што се однесува до клупскиот фудбал, највисока казна од 200.000 евра во УЕФА плати Динамо Загреб по нередите на Бед Блу Бојс на дуелите со Тотенхем, Удинезе и Спартак.

23 јули 2015 - 11:29