Македонија меѓу репрезентациите со најмногу играчи во странство

Со оглед на тоа што нашето домашно првенство е такво какво што е, добро е што имаме макар тројца претставници од Прва македонска лига. Сите други играат во странство.

Македонската фудбалска репрезентација котира мошне високо на табелата селекции со најмногу легионери, односно фудбалери кои играат надвор од својата земја. Во нашиот состав единствени фудбалери од македонска лига се третиот голман - Ристе Јанков од Работнички Скопје, Марјан Радески од средниот ред на Академија Пандев и Егзон Бејтулаи, стоперот на шампионот Шкендија.

Еве како изгледа листата на репрезентации со најмногу членови кои играат во странство:

Велс* - 26 фудбалери во странски лиги
Словачка - 25
Финска - 25
Австрија - 24
Шведска - 24
Белгија - 24
Македонија - 23

* Шест репрезентативци на Велс играат за велшки клубови кои пак се натпреваруваат во англискиот Чемпионшип. Ниту еден фудбалер на Велс не игра во домашното првенство. Причина за тоа е неверојатно слабата лига поради што најголемите велшки клубови Кардиф и Свонси играат во англискиот фудбалски систем. Лигата на Велс е на самото дно на рејтингот на УЕФА (послаби се само Црна Гора, Исланд, Естонија, Андора и Сан Марино).

- Велшаните играат во Чемпионшип, Премиер лига и дури во англиската трета лига. Надвор од Островот игра само Арон Рамзи кој е член на Јувентус.

ИГРАЧИ ОД ДОМАШНИ ЛИГИ КОИ ЌЕ ИГРААТ НА ЕВРОПСКО:

Англија - 23 репрезентативци од Премиер
Русија - 22 репрезентативци од руската Премиер лига
Германија - 22 од Бундеслига
Украина - 18 од украинска лига
Италија - 17 од Серија А

- 19 репрезентативци на Австрија настапуваат во Германија и тоа е најголем број на фудбалери од една селекција да играат во една земја.

- Белгија е единствен претставник од Топ-5 рејтингот на ФИФА на овој список. Само двајца белгиски репрезентативци од Белгија играат во домашното првенство. Во Франција има 5 репрезентативци од нивната Лига 1, во Португалија 6, а во Англија дури 23 играчи од англиските клубови.

- Интересно во репрезентацијата на Финска има играчи од 17 разни првенства ширум Европа, а во Македонија фудбалери од 16 првенства.

- Во репрезентацијата на Украина од 18 Украинци дури 10 се од Динамо Киев

- Сасуоло има исто репрезентативци на Италија колку што има и шампионот Интер

- Англиската репрезентација има 2 фудбалери од Борусија Дортмунд (Џејдон Санчо и Џуд Белингем) и тоа се повеќе фудбалери отколку што даваат Арсенал, Тотенхем и Ливерпул (по повредата на бекот Трент остана само Хендерсон). Двајца играчи од Борусија Дортмунд има и репрезентацијата на Германија.

- Интересно девет репрезентативци на Велс се родени во Англија но имаат велшки родители/потекло, а има и двајца на невообичаени места за Велшани: Рис Норингтон-Дејвис е роден во Саудиска Арабија а Адам Дејвис во Германија. Татковците на овие двајца репрезентативци на Велс биле воени лица.

- За Франција играат тројца репрезентативци кои се родени во странство: Стив Манданда (ДР Конго), Тома Лемар (Гвадалупе), Маркус Турам (Италија)

- Сите германски репрезентативци се родени во Германија