Луѓето кои го опкружуваат Нејмар

Младата бразилска ѕвезда до сега одлично се носи со славата, а тоа допрва ќе треба да го покаже и во Европа. Тајната на неговиот досегашен успех не се должи само на неговиот талент. Професионално и приватно за него се грижат вистинските луѓе кои му помагаат послено да си го трасира патот.

Нејмар да Силва Сантос Јуниор има само 21 година, а кариерата веќе му се движи напред како на филмска лента. Откако докажа дека е фудбалер број 1 во земјата на фудбалот, од наредната сезона ќе биде во друштво со најдобрите каде го очекуваат нови предизвици.

За неговиот трансфер во Барселона долго се зборуваше, но и многу се работеше, а очигледно дека задачата воопшто не била лесна. Еден од неговите агенти кои до скоро ја имаше главната улога околу неговата кариера е Вагнер Рибеиро кој имаше други намери, а тоа е да го одведе во Реал Мадрид.

Другата личност блиска до Нејмар која практично контролира многу аспекти од неговиот живот е Едуардо Муса. Тој впрочем работел со неговиот татко, има блиски пријателски односи со него, а истовремено има одлични релации и со фудбалерот.

Но за да се оствари новата ера на Нејмар во Европа, очигледно дека се помачиле повеќе луѓе. Можеби клучната улога за неговата преселба на „Камп Ноу" ја има Андре Кери, скаут на Барселона задолжен за Јужна Америка и десна рака на претседателот на Каталонците, Сандро Росел.

Но и покрај неговата работа да"лови" таленти во Бразил и другите јужноамерикански земји, тој не успеал сам и во операцијата му помогнат Маркињос Малаки, кој е впрочем најдобар пријател со татко му на Нејмар. Луѓето кои се грижат за неговата кариера не се само менаџерите.

Неговиот успех се должи и на неговата голема поддршка од неговото семејство, кое пред да се случи славата на нивниот син имале тешки финансиски проблеми. Но и покрај тоа што за четири години почна да заработува милиони и стана маркетиншки најисплатлив спортист, тој расте во фамилија која ги почитува вредностите. 

Нејмар живее заедно со неговите родители Надине и Нејмар да Силва, сестра му Рафаела и најмалиот член во семејството 2 годишниот Дави Лука. Тоа се луѓето кои најмногу го поддржуваат во неговата блескава кариера.

Останатите важни луѓе во неговиот живот се неговата девојка, актерката Бруна Маркезин со која ја официјализираше врската на последниот карневал во Бразил, а покрај него ги има и четворицата најдобри другари Густаво, Јоклезио, Кристијан и Жилхерме кои му се секогаш лојални.

Вистинските луѓе кои се грижат за професионалната кариера на Нејмар и здравата околина во која е растен се дел од најважните фактори за патот кон неговиот успех, кој се разбира ќе треба самиот да си го зачува и да го игнорира бурниот живот на кој не одолејаа многу Бразилци во Шпанија и Италија.

5 јуни 2013 - 15:17