На стартот на сезоната 2015/2016 пред Лацио стоеше сериозна задача - да настапи достојно во Лигата на шампионите. Последен пат римскиот клуб играше во најпрестижниот турнир во 2007. година.
Тогаш Лацио не ја пројде групата: конкуренцијата на Реал Мадрид, Олимпијакос и Вердер се покажа како многу сериозна.
Во 2015/2016 Мирослав Клосе веќе наполни 36 години и, иако не смееше да се намали неговиот значај, не беше добро да се смета на него во целост. На малиот Кеита му беше тешко да покаже што знае (а знае многу) без човек што ќе го разигрува. А на Лацио му требаше перспективен фудбалер од средниот ред, способен да им конкурира на Антонио Кандрева и Марко Пароло.
Изборот падна на Сергеј Милинковиќ-Савиќ, детето родено на 27. февруари 1995 година во шпанскиот град Леида од спортски родители (татко му Никола Милинковиќ играл фудбал а мајка му Милана Савиќ била професионална кошаркарка).
Денешниот број 21 на Лацио го почна својот пат во Војводина од Нови Сад. По фантастичното Европско U19 на кое Србија го освои златото откако во финалето ја совлада Франција U19 со 1:0, 18-годишниот Сергеј кога се вратил во клубот очекувал дека ќе добие повеќе простор за игра, но се случило спротивното.
Одиграл само 13 меча во првенството, неретко како замена од клупата и дал три гола. Триумфот во Купот на Војводина не го воодушевил многу зошто имал мал удел. Сергеј сакал само да игра фудбал. Поради тоа во 2014-та смени средина и направи пристоен трансфер во Генк, клубот кој ги извади Де Брујне, Тибо Куртоа, Јаник Караско, Бентеке, Дивок Ориги и многу други.
Промената на средината добро му дошла. Од секој аспект. Тренерот видел дека малиот има нешто во него и му давал шанса практично на секој меч. Сергеј како играч од средниот ред дал 5 гол ана 24 меча таа сезона и им западнал во око на скаутите на Лацио.
Во летото 2015-та Србинот премина во Рим каде буквално стигнал од канцеларија од Фиренца каде требал да потпише со Фиорентина. Сумата на трансферот била приближно 9 милиони евра. Генк одиграл мудро и во договорот ставил клаузула од следниот трансфер на Сергеј да добие 50%. Но Игли Таре и Лотито се стари волци, па по извесно време наводно му платиле на Генк 15 милиони евра да го искинат тој документ и да стане неважечки.
Милинковиќ-Савиќ настапи уште во првото коло против Болоња. Влезе од клупата, не направи ништо спектакуларно, доби жолт картон и го изнервира тренерот Стефано Пиоли.
Сергеј има габаритен раст од 192 сантиметри (брат му е уште повисок - наследиле гени од мајка им која била кошаркарка). Во Лига Европа Милинковиќ-Савиќ одигра далеку подобро, постигна гол против Галатасарај и го сопре клубот од Истанбул пред своја публика да победи.
Крајот на таа сезона значеше и збогум за тренерот Пиоли: Лацио заврши 8-ми во првенството и не се пласираше во европкуповите. Набрзо тренер на првиот тим стана легендата Симоне Инзаги кој полагаше многу надеж во Милинковиќ-Савиќ и му довери место во првите 11. И не зажали.
Во стратегијата на Инзаги, Милинковиќ-Савиќ, благодарение на својот раст има одлично чувство за игра коешто му помага добро да се ориентира на теренот и правовремено да решава што со топката.
Денес Сергеј е втор стрелец на „Орлите“ после Чиро Имобиле, а трет во екипата по системот гол-асистенција. Во актуелната сезона Србинот постигна 52,3% од своите голови за Лацио и има 41,1% асистенции за гол.
Инзаги го промовираше во лидер на колктивот и играта на Лацио просто не може да се замисли без него. Минатото лето проструи вест дека двата клуба од Манчестер се спремни за него да платат по 70-80 милиони евра. Се заинтересираа и ПСЖ, Јувентус и Реал Мадрид.
Тука се поставува прашањето, зошто Лацио не го даде младиот фудбалер за многу пари и тие средства да ги реинвестира во неколку други играчи? Затоа што управата на Лацио знае дека оние 55 милиони евра (толку е вредноста на Сергеј денес според реномираниот германски сајт transfermarkt.com) ќе нараснат двојно повеќе на Мундијалот 2018 во Русија каде Сергеј ќе игра со Србија.
Од друга страна Инзаги јасно и ставил до знаење на управата да направи што е можно да го задржи подолго некогашниот резервен играч на Војводина Нови Сад.