Верните навивачи на Ливерпул кои со носталгија се сеќаваат на старите добри времиња и кои се тешат со бројката од 18 титули во Премиер лигата, само една помалку од најтрофејниот Манчестер Јунајтед, имаат уште една причина за фалење која се базира на минатото.
Познатиот весник „Гардијан" решил да ги брои победите и бодовите на англиските клубови од далечната 1888 година, од кога впрочем и постои фудбалот, а истражувањата покажуваат дека „Црвените" од „Енфилд Роуд" се на прво место во историјата на англискиот фудбал со 1800 победи и вкупно 5220 освоени бодови на сите натпреварувања во Англија.
Покрај тоа што на островот е трет клуб по бројот на одиграни сезони, вкупно 98, по Астон Вила со 102 и Евертон со 110, за целиот период од 125 години Ливерпул има убедливо и најдобра гол разлика со 1640 дадени голови.
На второто место на оваа листа е тимот на Арсенал со 1753 победи и 5159 освоени бодови, трет е Евертон кој има одиграно најмногу натпревари, вкупно 4284, а има само 7 победи помалку од „Топџиите". На четвртото место се „Црвените ѓаволи" со 1688 победи и 4975 бодови.
Иако последното славје на Ливерпул со освоена шампионска титула во Премиер лигата датира до 1990 година кога Жерард имал 10 години и одел во школо, навивачите кои и во добро и во зло ја пејат „You will never walk alone" може слободно да се радуваат дека се уште се најјаки.