Лион исфрлен во втора лига, должи 508 милиони евра!

Како гром од ведро небо синоќа одекна веста дека еден од најтрофејните француски клубови - Олимпик Лион е принудно исфрлен во Лига 2.

Одлуката за исфрлање на Лион ја донел Националниот директорат за контрола на управување (DNCG) - државен орган кој води сметка за работењето на спортските клубови. Претставници на оваа организација се сретнале со управаа на Лион и ја соопштиле шокантната одлука.

Иако пред состанокот газдата на Лион, ексцентричниот Американец Џон Текстор бил оптимистичен: „Ние привлековме инвестиции во клубот, нов капитал. Тоа не е важно само за DNCG туку и за лиценцирање од УЕФА. Треба да се спомене и продажбата на Кристал Палас. Благодарение на тие фактори нашата ликвидност сериозно порасна“.

Текстор продал минимален пакет акции од Кристал Палас на сопственикот на Њујорк Џетс Вуди Џонсон за 190 милиони фунти а во меѓувреме и женскиот тим на Лион бил продаден и ребрендиран. Но ниту тоа помогнало.

И покрај сиот оптимизам, на крај одлуката била конечна иако Лион има прави да вложи жалба на тоа решение.

Клубот ја заврши сезоната на шесто место и се проби во Лига Европа. Но во УЕФА може да има проблеми зошто сега и настапот таму им е доведен во прашање.

А Кристал Палас го освои својот прв трофеј во повеќе од стогодишната историја на клубот откако во финалето на ФА Купот го совлада Манчестер Сити и обезбеди прв историски пласман во еврокуповите благодарение на тоа. Но сега УЕФА не им дозволува да играат во Европа поради забраната за водење два клуба од ист сопственик.

ЗОШТО Е ЛИОН ТАКА ЖЕСТОКО КАЗНЕТ?

Ова не е првпат повеќекратниот француски шампион да има проблеми: агенцијата која се занимава со структурата на клубовите и финансиите (DNGC) уште во летото 2023-та укажала на големи нерегуларности во финансиската состојба на клубот но тогаш Лион избегнал казна.

Но во ноември 2024 ситуацијата станала посериозна. Директоратот на средба со претседателот на Лион Џон Текстор му поставил ултиматум: или финансиската состојба ќе се подобри или клубот летово ќе биде исфрлен во Лига 2.

Долговите нараснале дури до 508 милиони евра!

Тогаш на Лион му ставија забрана за трансфери (имаа дозвола само да продаваат играчи), условно беа исфрлени во втора лига и имаа надворешен надзор на финансиската состојба а исто биле надгледувани и платите во клубот. Текстор решил да ја исправи ситуацијата и минатата зима продадоа играчи во вредност од 30 милиони евра, една група играчи отиде на позајмици со право на откуп и платежниот фонд малку бил растеретен. Но недоволно.

Во јануари Француската фудбалска федерација ја одбила жалбата на Лион. А на крајот од март годинава Л'Екип пиша дека не се доволни зимските продажби. Потоа следуваше втора чистка: заминаа и главните играчи Рајан Шерки (веќе игра за Манчестер Сити), Александар Лаказет како слободен агент и многу други.

За Шерки Лион добил 36,5 милиони евра, Саид Бенрахма беше продаден во Саудиска Арабија за 12 милиони евра а Текстор продал и 46% од акциите во Кристал Палас за околу 200 милиони евра.

Но ништо не било доволно и Лион поради лошо раководење е исфрлен во втора лига.

ЛИОН ИМА ПРОБЛЕМИ И СО УЕФА И ФИФА

На Лион му висат и две трансфер забрани од УЕФА и од ФИФА. Една казна до 200.000 евра во УЕФА уште не била платена а исто не биле подмирени и долгови кон многу побарувачи.

Џон Текстор бил повикан во канцелариите на УЕФА за да го објасни патот за излез од кризата. Му предлагале пакет мерки за да не ги исклучат од еврокуповите: 10 милиони евра казна, подмирени плати на играчи и ограничено трошење на трансфер пазарот. Преговорите биле на 7-ми мај во седиштето на УЕФА во Нион но не биле успешни.

Казната од ФИФА е поради смешен долг од 2.000 евра и таа е врачена на крајот од мај годинава. Л'Екип пишува дека Лион веќе го угасил тој долг но имало и други кои допрва треба да ги решаваат.

25 јуни 2025 - 09:03