Лион е изненадувањето во Франција

Клубот со една од најдобрите младински школи во Европа заедно со тренер што сака отворен фудбал е лидер во Лига 1 по 18. одиграни кола. ПСЖ и Монако се во сенка.

Со петтата првенствена победа по ред, а деветта на домашен терен, Лион го помина Марсеј на табелата и сега е прв. За првпат по 2008. година Лион е прв во јануари, а тогаш собраа 42 бода, колку што имаат и во моментов.

Тимот од источниот француски град беше неприкосновен владетел во Лига 1 од 2002. па до 2009. година, период во кој освои седум титули по ред. Од тој момент приматот го зедоа ПСЖ и Монако, екипи кои добија богати сопственици.

Екипата на Лион во најголем дел е составена од фудбалери кои потекнуваат од школата на овој клуб, една од најдобрите на континентот. Во триумфот против Тулуз 3:0 во неделата, дури осум од 11 играчи кои го почнаа мечот, потекнуваат од академијата на клубот и сите се помлади од 24 години.

Голманот Ентони Лопез (генерација 1990) е најзаслужен што Лион ја има втората најдобра одбрана во Лига 1. Лион досега прими само 17 голови, колку што прими и одбраната на ПСЖ вредна 120 милиони евра (Давид Луиз-Тиаго Силва-Маркињо). Во одбраната доминираат Жале и Бишевац, фудбалери кои ја живеат втората фудбалска младост заедно со Саумел Умтити (соиграч на Погба и Кондогбиа од времето кога Франција го освои златото на СП У-20 во 2013).

Средниот ред го предводи капитенот Максим Гоналон, фудбалер кој одби многу богати понуди само за да остане во тимот во кој порасна. Покрај Гоналон, средината ја носат уште и Џордан Фери (1992) и Корентин Толисо (1994).

Лидер на екипата е Александре Лаказет (23), прв стрелец во лигата со 19 голови на 20 натпревари. Францускиот репрезентативец на три натпревари едно по друго дава по два гола и го стигна рекордот на Вахид Халилхоџиќ од сезоната 1984/85 кога фудбалерот на ПСЖ постигна исто 19 голови во првите 20 кола од Лига 1.

Заедно со Лаказет во нападот на Лион игра Набил Фекир (21 година), Французин со алжирско потекло. Фекир досега даде 8 голови а најзаслужен за неговиот развој е тренерот Хуберт Фурние, творец на офанзивниот Лион, лидерот во француското првенство.

Во моментов Лион има 42 бода, Марсеј е втор со 41, а Сент Етјен трет со 39 бодови.