Лекот за Реал Мадрид се вика Диего Симеоне

Откако аргентинскиот стратег го презеде тимот, Атлетико Мадрид има освоено најмногу бодови против Реал Мадрид. Во моментов дури и минимално повеќе од Барселона.

„Се бара достоен ривал за дербито“, пишуваше на еден транспарент пред неколку години на трибините на Сантијаго Бернабеу. 

Огромната разлика во квалитетот на дуелите меѓу Реал Мадрид и Атлетико често завршуваше со потсмев и обиди да се понижи тимот во црвено-бели дресови, кој цели 14 години мораше да се помири со порази секогаш кога ќе се соочеше со својот вечен ривал.

Пеколниот пат за Атлетико наеднаш заврши со доаѓањето на Диего Пабло Симеоне. Тој презеде екипа која штотуку беше елиминирана од Албасете во Купот и се наоѓаше во зоната за испаѓање. 

Ја консолидираше и почна да го прави она што најдобро го знае и што го вети уште во декември 2011 година: да се натпреварува.

Дерби натпревари на почеток беа тешки за нив. Ги загубија првите три во Ла Лига, но нешто се промени во финалето на Купот во 2013 година. Атлетико Мадрид победи на Бернабеу и оттогаш стана нивниот најтежок ривал.

Минатата недела повторно се случи нешто што станува сè почеста појава. Атлетико го совлада Реал и стигна до 48 освоени бодови освоени против ривалот, откако Симеоне ја презеде тренерската функција. 

Притоа, тие го постигнаа она што не било направено уште од 1951 година: две последователни победи на домашен терен во дербито.

Така, овие 48 бода освоени на 30 натпревари, го позиционираат Атлетико Мадрид како тим кој успеал да му одзеде најмногу бодови на Реал Мадрид. 

За нијанса се подобри и од Барса која има освоено 47 бода над Реал, иако тие имаат одиграно еден натпревар помалку, разлика што ќе се израмни на претстојното Ел Класико во октомври.

Трет на оваа листа е Виљареал, со освоени 34 бода против Реал во последните петнаесет години, на 27 одиграни натпревари. Со ист број на бодови против Реал се и Бетис и Валенсија, но тие две екипи имаат одиграно повеќе натпревари.

23 септември 2026 - 09:08