Јуни 2017. Новинар на холандскиот сајт vi.nl имал договорено интервју со техничкиот директор на Ајакс, Марк Овермарс.
Пола час мирно разговарале за работата на Марк додека не паднал збор за младите фудбалери.
Во тој момент Овермарс сфатил дека некаде го оставил кожниот тефтер и почнал да го бара. После неколку минути извадил лист А4 на кој бил пишан составот на репрезентацијата на Холандија U16 за меч од 2012 година.
Листот бил изгужван и пожолтен - Марк го чувал неколку години. Нервозно барал презиме на еден од младите фудбалери (бил обележан со ѕвездичка) и уверувал дека тој ќе биде најдобар играч во земјата. Ѕвездичката стоела крај името - Френки Де Јонг.
ЈОХАН КРОЈФ ГО ДОНЕЛ ОВЕРМАРС ВО АЈАКС ЗОШТО САКАЛ РАБОТА СО МЛАДИТЕ
Марк е легенда на Ајакс. Во сезоната 1994/95 бандата на Луј ван Гал ја освои Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА. Во таа екипа играа ван дер Сар, Овермарс, Сидорф, Давидс. Патрик Клајверт ја играше првата сезона со сениорите.
Брз и продорен како шило, Овермарс и Ајакс најдобрите моменти ги имаа во мај 1995. Прво во полуфинале на ЛШ Ајакс го згроми Баерн Минхен со 2:5, а Марк го даде петтиот гол. Во финалето „Копјаниците“ сензационално го совладаа Милан на Капело во чиј состав играа живите богови - Малдини, Донадони, Барези.
Во 1997-ма Овермарс премина во Арсенал каде играше на левото крило и даваше сјајни голови (25 на 100 меча за „топџиите“).
За четири години во Лондон, Овермарс му помогна на Арсенал да ја освои Премиер лигата, ФА Купот и подоцна премина во Барселона за холандски рекорден трансфер: 40 милиони евра!
Во Каталонија брзиот Холанѓанец не освои ништо и го повреди коленото: тој целата кариера ги кршеше своите противници, а во 2004-та неговиот организам веќе не можел да ги издржи напорите.
Во 2012-та година Марк се враќа во Ајакс на барање на шефот на надзорниот совет на клубот - Јохан Кројф. Вечниот Кројф не бил задоволен од резултатите на матичниот клуб. На клучни должности во клубот Јохан ги назначил легендите на Ајакс: Бергкамп, Давидс, ван дер Сар и Де Бур.
Овермарс бил поставен за технички директор и му ги довериле трансферите. Кројф не бил воопшто задоволен од политиката на Ајакс да се носат многу просечни легионери а малку да играат децата од школата.
Како резултат на ова на крајот од 2000-те, Ајакс кој отсекогаш ја имал најдобрата академија на светот, немал моќни продажби на холандски фудбалери (исклучок е преминот на Снајдер во Реал во 2007-ма за 27 милиони евра).
„Памтам како еднаш зборувавме во кабинетот на Кројф. Тој беше лут што клупската академија веќе не работи ефективно и не произведува таленти“, се сеќава Овермарс.
Тогаш Марк решил да ги заврати ракавите.
ГО НАШОЛ ФРЕНКИ КОГА НИКОЈ НЕ МУ ОБРНУВАЛ ВНИМАНИЕ
Во есента 2012 Овермарс отишол да го гледа мечот Холандија U16 - Германија U16.
„На тој натпревар сите ги гледаа популарните таленти кои веќе беа во првите тимови: Џери Смит, Маршан Шулц, Алфред Шојер и уште неколку дечки. Но јас секогаш гледам подлабоко. Памтам како мене не ми обрнуваа внимание кога бев мал. Јас, Бергкамп и Ван дер Сар како јуниори не бевме суперѕвезди и затоа потоа освоивме се“, се сеќава Овермарс.
Кога во вториот дел на терен влегол 15-годишниот русокос Френки, Овермарс се концентрирал само на него: „Беше неверојатно тенок, а нозете му беа како две стапчиња. Но доволно беше да направи пар чекори и да ја прими топката за да сфатам дека е фантастичен играч. Тогаш решив дека мора да го купиме“, раскажал техничкиот директор на Ајакс.
Клубот од Амстердам не го гледал Де Јонг само еднаш. Овермарс три години праќал скаути на секој меч на Вилјем II, за да го следат малиот, додека во 2015 не решил дека е зрел за трансфер.
Имало две причини за тоа: прво што Френки бил во конфликт со тренерот на Вилјем, Јирген Стрепел и поради тоа воопшто не играл (само 75 минути во прва лига до трансферот во Ајакс).
Овермарс добил полномоштво на трансфери во Ајакс и можел да купи кој било играч без согалсување со Ван дер Сар.
Марк и малиот Френки Де Јонг имаат многу заеднички нешта. Двајцата почнале во Вилјем II, двајцата играле во многу талентирани генерации на Ајакс, двајцата во свое време станаа најскапи холандски играчи на сите времиња (Барса го купила Овермарс за 40 милиони евра, а Френки за ѕверски 75 милиони + 15 милиони во бонуси).
Марк бил толку заљубен во играта на Де Јонг што во 2017 година кога тогашниот тренер Марсел Кајзер не го ставал Френки во игра, Овермарс рекол: „Секогаш зборувам дека младите играчи мора да бидат трпеливи. Ама како е можно да не го пушташ Де Јонг? Тој е наш најдобар играч“.
Овермарс му помагал на малиот Френки во развојот: „Секогаш ме бодреше. Кога ми беше тешко доаѓаше на масата за ручек, седнуваше до мене и ми зборуваше како треба да работам и да бидам трпелив и ќе станам ѕвезда на Ајакс. Ми раскажуваше како играл за Барселона. Тоа беше многу интересно зошто јас навивам за Барса од детство. После таков разговор бев мотивиран и летав по теренот“, рекол Де Јонг кој од 1 јуни ќе се пресели на „Камп Ноу“.
Кога Ајакс го отпуштил тренерот Кајзер, на негово место дошол сегашниот тренер Тен Хаг, а холандските медиуми дознале инсајдер дека за време на преговорите Овермарс го предупредил новиот стратег дека Де Јонг мора да игра во првата постава. Не е познато што рекол Тен Хаг ама Де Јонг стана ведета на првиот тим.
ОВЕРМАРС ПРОДАЛ ИГРАЧИ ЗА 230 МИЛИОНИ ЕВРА!
Продажбата на Де Јонг од близу 90 милиони евра е најголем, но не единствен успех на Овермарс во Ајакс.
Тој нашол и продал уште десетина играчи од кои најпознати се Аркадиуш Милик во Наполи (32 милиони евра), Дејвисон Санчез во Тотенхем (40 милиони евра) и Џастин Клајверт во Рома (17,25 милиони евра).
Овермарс е страшен преговарач кој може многу добро да продаде и просечни фудбалери. Во зимата 2017 тој ги убедил Тјанжин Теда, Волфсбург и Лил да ги купат Немања Гудељ, Ришадли Базур и Анвар Ел-Гази (сите од Ајакс) за вкупна сума од 21 милион евра.
„Планиравме на Гудељ да не потрошиме повеќе од 5 милиони евра, но во преговорите се вклучи и господинот Овермарс. Тој беше неверојатно убедлив. Не успеавме да го надјачаме и потпишавме договор за 7 милиони евра“, се сеќава претседателот на Тјанжин Теда, Лиу Ченг.
Од моментот кога го назначил Марк Овермарс, до денес, Ајакс купил играчи за 60 милиони евра, а продал играчи за 230 милиони евра! Поради способноста да заработи за клубот, Марк во Холандија го завикале Господин Нето.
Покрај Френки Де Јонг, Давинсон Санчез и Аркадиуш Милик на кои Ајакс заработи преку 150 милиони евра, Овермарс успеал да направи фантастични зделки и за Дејви Класен (во Евертон за 27 милиони), на Џастин Клајверт (Рома 17,25 милиони), Дејли Блинд (во Манчестер Јунајтед за 17,5 милиони), Кристијан Ериксен (во Тотенхем за 13,5 милиони евра), Јаспер Силесен (во Барселона за 13 милиони евра), Тоби Алдервирелд (во Атлетико за 7 милиони) и Џаиро Ридевалд (во Кристал Палас за 12 милиони евра).
Притоа деца на клубот беа: Класен, Клајверт, Блинд, Алдервирелд и Ридевалд за кои Ајакс не дал ни денар на друг клуб. А Де Јонг го купил за само 1 евро од Вилјем, Санчез за 5 милиони евра од Атлетико Насионал, Милик од Баер Леверкузен за 3,8 милиони, Ериксен за 1 милион евра а Силесен за 3 милиони евра.
****
Уште една способност има Овермарс како технички директор, а тоа е да знае како да ги спречи талентите рано да одлетаат надвор.
Во летото 2018 Ајакс добил десетина понуди за најголемите таленти, а целта на клубот била да ги задржи на уште една година. Овермарс смислил план: за секој играч снимиле мотивационо видео со важноста на Ајакс:
„Ми покажаа кога и како првпат сум дошол во базата, дебито за првиот тим, како соработниците топло зборуваат за мене. Имаше кадри со навивачите на Ајакс кој бараа да останам и не можев да заминам после тоа“, се сеќава шпицот Каспер Долберг.
Овој обид бил успешен и од осум играчи на кои им биле пуштани мотивациони видеа, сите се согласиле да останат, само Џастин Клајверт заминал.
На неколку дена пред трансфер преодниот рок, Овермарс го исклучил својот службен телефон, а кога го вклучил после неколку дена имал стотици пропуштени повици.
„Заостануваме со некои работи зад другите клубови. Например Манчестер Јунајтед има пет скаути во Јужна Америка ние имаме само еден“, се жали Овермарс.
Во рамките на овој проект за зајакнување на скаут службата, Овермарс го вратил во Ајакс Урбејн Хасерт, легендарен скаут кој бил специјализиран за Белгија и 10 години работел во Ајакс: лично тој ги нашол Вертонген, Алдервирелд, Вермален а го предлагал и Азар кога овој настапувал во вториот тим на Лил.
Пред осум години Урбејн поради несогласување со управата заминал од Ајакс и отишол во Андерлехт, но на лична иницијатива на Овермарс се вратил во Амстердам.
ЗА ШТО МУ ЗАМЕРУВААТ НАВИВАЧИТЕ
Во 2016-та година холандскиот весник De Volkskrant го обвинил за неетично однесување и конфликт на интереси. Весникот објавил дека во 2013-та Марк склучил договор за градба на територија на базата на академијата со фирмата „Де Тукмост“ чиј сопственик бил брат му кој се занимава со градежништво.
Овермарс одговорил дека управата имала увид цело време во договорите, но надзорниот совет по ова му го скратил полномоштвото на трансфери и договори со играчи (Фактички тој станал спортски директор).
Голем дел од неговата кариера како технички директор во клубот, навивачите го критикувале дека нема трансфери на големи и скапи играчи. Тоа е вистина зошто клубот цел фокус го ставил на млади играчи.
Во април 2018 незадоволството кулминираше, навивачите вербално се расправаа со Овермарс и Ван дер Сар поради слаби трансфери и резултати. Веќе во летото 2018 Ајакс го заврте векторот и купи двајца искусни и поскапи играчи - Блинд и Душан Тадиќ.
Често имало и конфликт на интереси поради желбата на Овермарс да задржи талентирани играчи во клубот.
„Многу ми се допаѓа тоа што го направи Кристијан Ериксен: четири години остана во Ајакс и му дозволи на клубот да заработи на неговиот трансфер. Тоа е пример за младите играчи“, рекол Овермарс.
Но проблем настанал кога неколку играчи го обвиниле дека им прави проблем спокојно да заминат од клубот и ги присилува да потпишат нов договор со Ајакс.
Така беше со Џастин Клајверт кого во пролетта 2018 наводно го уценувале дека ќе игра со вториот тим и резервите ако не потпише нов договор.
„Мене никој не ме прашува што јас сакам и каква перспектива ме чека. Имам чувство дека сите ги интересираат само пари. Клубот сака да го продолжам договорот за после да заработат. Јас сум под притисок: ми кажаа да потпишам“, се жалел Џастин во март 2018 па набрзо потпиша со Рома.
ОВЕРМАРС ГО БАРААТ АРСЕНАЛ И МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
Случајот со Френки де Јонг многу ја прослави кариерата на Овермарс како технички директор. Според германски Kicker и англиски The Evening Standard, Марк е главен кандидат за директор во Арсенал по заминувањето на Свен Мислинтат во јануари годинава.
Исто и Манчестер Јунајтед сака да го ангажира затоа што клубот бил незадоволен од трансфер политиката во последните пет години. Логично се споменува и ПСЖ.
Но Овермарс стои на нозе:
„Среќен сум што Френки ја одбра Барса. Ајакс со нив има многу заеднички нешта низ историјата и ист стил на игра. Од првиот ден кога го видов, знаев дека еден ден ќе игра за Барселона“, рекол Овермарс кој како да му намигнува на каталонскиот клуб.