Како почнал со фудбал чудесниот Френки од Ајакс кој потпиша со Барселона

Младиот Френки де Јонг е веројатно еден од ретките таленти кој имал проблем речиси со секој тренер во досегашната кариера. Никој не знаел да го препознае неговиот авантуризам на теренот.

Каталонците и славниот клуб од Амстердам објавија дека фудбалерот на Ајакс Френки Де Јонг потпишал 5-годишен договор со Барселона, вреден 75 милиони евра и плус 11 милиони во евентуални бонуси.

Де Јонг на „Камп Ноу“ ќе стигне на 1. јули а до тогаш ќе остане во Ајакс.

***

Во 1993-та во академијата на Ајакс фудбал тренирал синот на Џери де Јонг. Се викал Најџел и тој после девет години првпат заиграл за сениорите на Ајакс, а после пола година го добил прекарот „убиецот“.

Во 2006 Најџел го продадоа во Хамбург каде играше со Ван дер Варт и Компани во Бундеслигата. Истата година Ајакс потпиша нов Де Јонг по име Сим.

После една година Сим првпат заигра за сениорите а после пет години стана капитен и четири пати ја освои шампионската титула. Во 2014-та отиде да се докажува во Англија. (околу 90.000 луѓе во Холандија во својот пасош го имаат презимето Де Јонг)

Во 2015 управата на Ајакс приметила дека на списокот играчи нема ниту еден Де Јонг. Во тоа време во градот Тилбург веќе се восхитувале на огромниот талент Френки де Јонг. Но уште никој не го споредувал со поранешните Де Јонговци ниту со други фудбалери.

Чудесниот талент на Де Јонг одел заедно со неверојатната скромност. „За договор со него нема да треба многу пари. Него не го интересираат коли, мода, ајфони, станови“, рекле во управата на клубот од Амстердам.

Еднаш му давале нов Mercedes Benz, но тој го оставил во клупската база и тргнал дома пешки. Не му било пријатно да седи толку млад во таков ѕвер од кола.

„Неговите соиграчи одат на шопинг на улицата PC Hooftstraat (улица со најскапи брендови во Амстердам), а Френки пазари во H&M. Памтам еднаш доби награда за најдобар млад играч на младински турнир. После церемонијата, отиде кај баба му и дедо му и погодете што? Ја остави наградата во кола, многу е скромен и не сакаше да им се пофали“, раскажал еднаш Џон Де Јонг, татко му на Френки.

Вкусот на татко му многу влијаел на играчките манири на Френки Де Јонг. Идол на Џон му бил Јохан Кројф, често на времето како него ја правел фризурата и му дал на син му прав пример за следење.

Првиот тренер во детството на Френки Де Јонг, Роби Хендрикс рекол: „Френки не планира ништо однапред кога топката е кај него. Тој го чувствува теренот околу себе и делува инстинктивно. Не е лесно да се тренира Френки. Ако му кажете оди лево, тој веројатно ќе тргне на десно.“

Малиот Френки не го забележувале многу во јуниорските категории, но поради пополнување на бројот на резерви, постојано бил на клупата во Вилјем II.

Неговиот соиграч Кис ван Бјурен раскажал дека Де Јонг и восхитувал сите со талентот: „Имаше 16 години кога првпат заиграв со него на тренинг. Се договоривме да не го притискаме многу со пресинг, но после неколку минути сфативме дека сме примиле три гола. А после некое време Јирген Стрепел (тренерот на Вилјем II) го извадил Френки од игра иако дал три гола. Па Јирген после му објасни дека не ја извршил задачата што му ја дал.“

Де Јонг често бил во лош однос со тренерот Стрепел и поради тоа само еднаш играл за првиот тим. Тоа било против на дебито против Ден Хаг, на пар дена до неговиот роденден 18-ти роденден. Френки одиграл 22 минути а Вилјем победил 1:0. Тогаш помислил дека Стрепел му дал само подарок за роденден и ништо повеќе.

****

Во мај 2015 во Тилбург дошле скаути на ПСВ и Ајакс да го гледаат, а Вилјем II не сакал да остане без своето дете толку рано.

Од Стрепел побарале да го става Де Јонг во првиот состав, овој послушал, но Френки повторно играл онака како што знае најдобро и терал по свое. Во летото 2015-та неизбежна била селидба во големиот Ајакс, но „копјаниците“ решиле да го остават во Тилбург до зимата на позајмица.

Односот со Стрепел не се сменил, па Френки Де Јонг во првата полусезона 2015/2016 одиграл само 20 минути. Во Ајакс веќе немале трпение и сфатиле дека така веќе не оди понатаму. Необично, првиот човек што го приметил талентот на Френки уште четири години прехтодно бил Марк Овермарс, кој работи како технички директор на Ајакс.

Легендарното крило на Барселона го приметил Френки на еден дуел меѓу младинците на Вилјем и Ајакс. Марк бил толку изненаден што барал од скаутите често да го следат. Тие четири години внимателно го ставиле „под лупа“.

На Овермарс не му се допаднало што Де Јонг не игра па во јануари 2016 го вратил Френки од Вилјем и го пратил во филијалата Јонг Ајакс кој игра во втората холандска дивизија. Таму Френки играл совршено добро пола година и добил еден куп комплименти од тренерите.

Поранешниот менаџер на Денис Бергкамп, Роб Јансен во својата книга „Зделка“ објавил неколку интервјуа со многу ѕвезди на холандскиот фудбал. Ван Дер Сар, Бергкамп, Овермарс, Давидс - сите рекле дека Де Јонг е најголем талент во земјата. Проблемот бил што не игра.

На почеток Френки не играл ниту во Ајакс. Тренерот Петер Бос не го ставал во составот и на негово место играл Ласе Шоне. Данецот не бил лош, но сите биле свесни дека Де Јонг може подобро. Малерот со тренерите го прател и во Амстердам па така и Бос не го пуштал во игра авантуристичкиот Де Јонг.

Френки Де Јонг

Френки имал нешто што ниеден тренер до тогаш не можел да го открие. Најдобро го опишал младинскиот тренер од Вилјем Јос Богерс:

„Некои играчи се создадени да играат фудбал, а Френки има неверојатна техника и тоа е од Бога. Јас никогаш не сум видел поголем талент во мојот живот. А плус што е прав лидер. Не го терајте да учи, зошто ќе направите грешка. Тој изгледа како слатко дете, но страшно доминира на терен и во колектив. Со еден збор, со еден потег. Играчите секогаш го слушаа, дури и постарите. Многу потсеќа на Кројф“.

Првпат на терен во Ередивизија се појавил во февруари 2017. Ајакс играл со Спарта и Френки влегол на две минути пред крајот. Во сезоната 2016/2017 одиграл само еден меч од почеток до крај (вкупно 4 натпревари и 148 минути играчко време).

Довербата на тренерот ја потврдил во финалето на Лига Европа кога против Манчестер Јунајтед на Мурињо влезе во игра во 82’ минута од клупата.

Петер Бос подоцна отиде да го тренира Дортмунд а екипата ја презеде Марсел Кајзер.

На 26 ноември 2017 Ајакс ја пречекал Рода. Во првото полувреме домаќините не можеле да го пробијат противничкиот бедем а Рода неколку пати ги нападнала Де Лихт и другарите. Заслужено и повеле со 0-1 а можеле уште неколку да дадат. Пред крај на првото полувреме Џастин Клајверт израмнил на 1-1 а незадоволните навивачи на „Јохан Кројф Арена“ свиреле на паузата.

Кајзер на полувреме го пуштил Де Јонг и направил одличен потег. Френки со магични додавања ги разигрувал соиграчите па на крајот собрал дури 3 асистенции.

****

После еден месец Кајзер беше отпуштен, Ајакс испадна од Купот па нов тренер стана Ерик тен Хаг. Холандските новинари пишувале дека новиот тренер ќе го заборави талентот Френки, но напротив.

По назначувањето на Тен Хаг, Де Јонг одигра десет меча по ред без замена и секој натпревар правел се поголеми чуда. Крилото на ПСВ Ајндховен Рајан Томас еднаш го гледал дербито од трибините и рекол дека „го гледал само Френки кој иако е најмлад на терен, ги добива сите топки од соиграчите. Неверојатно е добар и еден ден сигурно ќе оди во Барселона или Реал“.

Во младинците порано играл како полушпиц зад напаѓачите а Тен Хаг го видел како последен играч во среден ред па дури и го ставал стопер со Матјас Де Лихт.

Френки одлично игра во слободна зона и знае да ја изнесе топката. Де Јонг има совршен дриблинг и неверојатна брзина со топката во нозе. 

Многумина го споредуваат со Бускетс и Ракитиќ но финалистот на Светското 1974 Ари Хан рекол: „Де Јонг е најдобра верзија на Франц Бекенбауер. Еднакво брзо мисли и трча со топка“, моќни зборови од човекот кој едно време играл со Бекенбауер.

Во летото 2018 го бараа Реал Мадрид, ПСЖ, Баерн Минхен, Манчестер Сити и Барселона а тој на крај сакал само на „Камп Ноу“.

Интересно, Де Јонг во детството играл во дресот на Меси со број 30 кој му го подарил дедо му. „Секако дека сакам да играм со Меси. Но тој веќе има 31 година, треба да побрзам“, рекол пред два месеци Де Јонг.