Легендарно финале, Виљареал испиша бајка после 22 изведени пенали

Фудбалерите на Виљареал го освоија вредниот трофеј на Лига Европа, откако вечерва на пенали го совладаа Манчестер Јунајтед. Пенал серијата траеше бескрајно, се изведоа дури 22 пенали. Унаи Емери по четврти пат го крева овој пехар и влезе во вечноста.

Во првиот дел Унаи Емери свесно му ја препушти иницијативата на фаворитот Јунајтед кој напаѓаше и притискаше со сите сили но „жолтата подморница“ вешто се бранеше и чекаше своја шанса пред 9.500 гледачи на арената во полскиот град Гдањск.

Околу половина час фудбал гледавме многу шанси на двете страни а првиот гол го дадоа Шпанците преку сјајниот Херар Морено кој маестрално ја затресе мрежата на репрезентативниот колега Де Хеа.

Виљареал ја одржа предноста до крајот на првиот дел и на пауза двата тима отидоа со уште по некоја неискористена прилика.

Во вториот дел Јунајтед одново притискаше од сите страни, имаше поголем посед на топка и супер шанси. Израмнувањето буквално висеше во воздух.

Им го донесе Еди Кавани во 55' минута кога и по прегледување на ВАР беше констатирано дека ветеранот од Уругвај не бил во офсајд по гужвата во противничкиот шеснаесетник кога искористи одбиена топка да израмни на 1-1.

Манчестер продолжи со ултра офанзивен фудбал но Херонимо Руљи успеа да ја сочува својата мрежа па после 90 минути мечот отиде во продолженија.

А таму Солскјер остана без Рашфорд па нападите како да се оладија и мечот отиде во драматична пенал серија. Права лудница каква што не се памети во еврокуповите.

Се изведоа дури 21 пенал од кои 20 беа реализирани. Едниот, последниот не го даде голманот на Јунајтед, Давид Де Хеа, поточно Руљи му одбрани и Виљареал славеше титула во Лига Европа во полски Гдањск.

Ова е прв трофеј во историјата на симпатичниот шпански клуб и тоа освоен против гигантот Манчестер Јунајтед. Со овој триумф на „жолтата подморница“, Шпанија во следната сезона ќе има дури 5 претставници во Лига на шампиони! Претходно директен пласман обезбедија Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Барселона, Севиља и сега Виљареал.

Интересно, Виљареал стана клуб од најмалиот град кој освоил еврокуп. Истоимениот шпански клуб има 51.000 жители и така е најмалку населен град кој дал шампион во некој европски куп.

Претходно рекордот го држеше Мехелен од Белгија кој во 1988-ма година го освоил Купот на Куп победници како клуб од град со 75.000 жители (сега проценката е дека има 86.000 жители).

Унаи Емери, тренерот на Виљареал влезе во вечноста како прв стратег кој освоил дури 4 пехари во Лига Европа (претходно 3 пати беше шампион во овој турнир со Севиља, во 2014, 2015 и 2016-та година).

Џовани Трапатони претходно беше рекордер со трофеи во Куп на УЕФА со три пехари (два со Јувентус во 1977 и 1993 и еднаш со Интер во 1991-ва). 

Виљареал стана само шести клуб во Европа кој успеал да ја освои Лига Европа/Куп на УЕФА без пораз од почеток до крај.

Тимот на Унаи Емери забележа дури 12 победи вклучувајќи го и службениот резултат 3:0 над Карабах и два пати играа нерешено. Претходно тоа им успеало на Тотенхем во сезоната 1971/1972, на Борусија Менхенгладбах во сезоната 1978/1979, Гетеборг на два пати во 1981/1982 и 1986/1987, Ајакс во 1991/1992 и Челси во 2018/2019.

ДАВИД ДЕ ХЕА ПОСЛЕДЕН ПАТ ОДБРАНИЛ ПЕНАЛ ВО 2016-ТА

НАЈВРЕДЕН ПЕХАР ВО 98 ГОДИНИ ИСТОРИЈА - НИКОГАШ КЛУБ ОД ТОЛКУ МАЛ ГРАД НЕ СЛАВЕЛ ТОЛКУ ГОЛЕМ ТРОФЕЈ