ЛЕ веќе не е само мезе за ЛШ

Клубовите како Ливерпул, Интер и Тотенхем можеби ќе треба посериозно да играат во Лига Европа, затоа што истата носи извонредно повеќе од порано и е сè поблизу до „постарата сестра“, Лига на шампиони.

Ова е време од годината кога фудбалот станува посериозен. Ноќите се поосветлени и средината од неделата не е толку темна како пред неколку седмици. Тоа е затоа што се врати ЛШ, а од вечерва и ЛЕ.
 
Иако сè уште е разграничена разликата меѓу Лига на шампионите и Лига Европа и второво натпреварување не може да си ги дозволи термините вторник и среда, сепак Европа лигата во последно време сериозно и нормално си игра нокаут фаза на средината од февруари.
 
Сега во оваа фаза веќе нема падобранци од ЛШ, кои би ја растуриле рамнотежата на ЛЕ, а ги нема и заморните групни натпревари кој траат до недоглед. Добро, групите во ЛЕ можеби не се интересни како групите во ЛШ, но се играат во четврток навечер и тоа меѓу екипи за кои некогаш ви треба Гугл за да ги лоцирате.
 

Во моментов останаа 32 екипи, кои за една недела ќе бидат 16 и ќе се борат за влез во финалето на ЛЕ во Варшава. Европа лигата престана да биде сложена и напорна и сега може да се каже дека веќе не е мезе на Лигата на шампионите. Тоа се должи пред сè на фактот што од годинава победникот на ЛЕ ќе обезбеди директно место во ЛШ догодина.
 
Има неколку услови - во случај тимот што ќе ја освои ЛШ, да не се квалификува за место во домашното првенство што води во ЛШ (заврши четврти или петти), тогаш освојувачот на ЛЕ ќе оди само во Плејофот. Во секој случај, освојувачите на ЛЕ ќе можат во следните сезони да очекуваат директен пласман во групната фаза на ЛШ.
 
Во таква ситуација, неколку екипи сериозно размислуваат да го свртат курсерот и вниманието од домашното првенство и купот да го свртат кон Лигата на Европа. ББС пресметал дека дури 33 клубови од 2004/2005 па до денес паѓаат 2,3 места во просек на табелата во Премиер лигата кога играат во Лига Европа.
 

Во Премиер лига редот е следен: Челси, Сити, Јунајтед, Саутемптон, Арсенал и Спарс. Челси и Манчестер Сити сигурно размислуваат само за трофеи на сите фронтови и скоро и да заборавија на Лига Европа. На Јунајтед и Саутемптон добро би им дошла било каква Европа, Арсенал сè уште игра во ЛШ, но нема обезбедено место во првенството кое догодина води во елитното натпреварување.
 
На Тотенхем и на Ливерпул им преостанува да пловат по Лигата на Европа и со евентуален триумф да чекираат карта за ЛШ од септември. Очигледно е и Спарси и црвените ќе одат ол-ин во Лигата на Европа, затоа што во првенството речиси и да немаат шанса за првите четири места. На тој начин оштетени се чувствуваат некои европски првенства, чии екипи не играат ангажирано во последните неколку кола, во април и мај, кога е и завршницата на ЛШ и ЛЕ.
 

 
„Да играш во четврток па потоа во недела не е исто што и да играш во среда па во сабота. Фактот што си доаѓаш дома во петок, потоа одиш во хотел за викенд и се подготвуваш за неделниот натпревар и ти отишол викендот. Психички разликата е голема", вели Фил Невил, поранешниот капитен на Евертон и брат на Гери Невил.
 
Заклучок: Лига Европа порасна и веќе не е само помала сестра на Лигата на шампионите.