Лазевски кај Интер, Пандев гостува во Украина

Денес на програмата се натпреварите од третото коло на Лига Европа каде настапуваат и седум македонски фудбалери. Од поинтересните дуели, Александар Лазевски со Партизан му гостува на Интер, а Горан Пандев и Наполи ќе играат во Дњепропетровск.

Александар Лазевски се очекува да биде во стартниот состан на Партизан на тешкото гостување во Милано. Во истата група Х, Игор Митрески со азербејџански Нефчи гостува во Русија кај екипата на Рубин.

Во првиот тим на Наполи се очекува да биде и Горан Пандев. Тренерот Валтер Мацари веќе не смее да експериментира, па со најсилен состав ќе го започне натпреварот против Днипро во Украина.

Тешки гостувања имаат и Тричковски и Тасевски. Иван Тричковски со Клуб Бриж гостува во Англија кај Њукасл, а Дарко Тасевски со израелскиот Ирони Кирјат Шмона ќе игра против Спарта во Прага.

Ибраими и Георгиевски играат на домашен терен. Марибор на Агим Ибраими го пречекува премиерлигашот Тотенхем, а Даниел Георгиевски со Стеауа ќе игра против норвешкиот клуб Молде.

Од останатите средби се издвојуваат интересните дуели Олимпик Лион - Атлетик Билбао и Ливерпул - Анжи.

25 октомври 2012 - 09:44