Пабло Забалета

Култниот Аргентинец кој стана прва легенда во модерниот Сити

Во овие 9 години откако Забалета е во Сити се менуваа претседатели, тренери, управи, играчи, а само тој никогаш не се смени. Остана борец кој играше за „граѓаните“ дури и кога морал да оди на операција на скршениот нос.

Детство на улиците на Буенос Ајрес

Пабло е роден пред 32 години, на 16. јануари во Буенос Ајрес. Во детството живеел во општината Аресифис која што се наоѓа во северниот дел од аргентинската престолнина.

Љубовта кон фудбалот му ја пресадил татко му Хорхе којшто пред четири години имал тешка сообраќајна несреќа и едвај останал жив. Пабло е едно од четирите деца на семејството Забалета. Мајка му починала кога имал 15 години, па неколку години подоцна во нејзина чест го истетовирал нејзиното име на градите.

„Моето семејство одигра главна улога во мојата кариера. Мајка ми ме водеше на тренинзи и нè изгледа сите, па нејзината смрт длабоко ме погоди. Поминав многу тажни денови кои нема да ги заборавам. После тоа, поддршката за татко ми беше најважна“.

На 12 години Пабло го почнал својот фудбалски пат во клубот Обрас Санитариас де Аресифис каде го забележале скаутите на Сан Лоренцо. На почеток во славниот клуб за кого навива и Римскиот Папа Франциско, Пабло играл во средината од теренот, но наскоро го откриле неговиот потенцијал „да ора“ како десен бек.

За Сан Лоренцо, Паблито дебитирал во 2002 година кога имал 17 години, на мечот против Монагас во Копа Судамерикана (аналогна на Лига Европа). Таа сезона Сан Лоренцо го освоил овој Куп и Забалета за првпат во животот добил златен медал.

После шест месеци, тренерот на „светците“ Рубен Дарио Инсуа му дал шанса на Пабло и во Примера, но не против аутсајдери, туку во пеколното дерби против Бока Јуниорс. Малиот Пабло одлично ги извршил сите задачи и бил избран за најдобар играч на мечот.

Во летото 2003-та Забалета го викнале да игра за Аргентина У20 на Копа Америка, во генерација со Меси, Биља, Гарај, Гаго, Палета, Кун Агуеро. Оваа златна селекција го освои и Светското првенство за играчи до 20 години. Забалета бил капитен и дал важен гол против Бразил.

На клупски план на Сан Лоренцо не му одело добро во новата сезона и во 2005-та Забалета преминува во Еспањол за 3 милиони долари.

Шпанија

Адаптацијата на Забалета во Барселона била брза, особено поради благата клима и блискиот јазик. Во Ла Лига Пабло дебитирал за Еспањол уште во првото коло против Хетафе. Забалета бил најзаслужен за освоениот Копа дел Реј против Сарагоса 4-1, а веќе од следната сезона со новиот тренер Ернесто Валверде, Аргентинецот за првпат видел како е да се игра и во Евро-куповите а стигна дури и до финале на Куп на УЕФА каде на пенали загуби од Севиља во Глазгов.

Дождливиот Манчестер и Рок’ен рол во паб на пиво

На 31. август 2008-ма Пабло премина на „Етихад“ од Еспањол и стана последниот трансфер во ерата на сомнителниот Тајланѓанец Таксин Шинаватра. Во ноември минатата година на поранешниот премиер на Тајланд му беше забранет влез во Велика Британија, но тоа во приказнава е малку важно.

Само два дена откако го купи Забалета за 6,5 милиони, новото раководство на Сити потпиша со Робињо и го сруши трансфер рекордот во Британија (32,5 милиони фунти).

За трансфер чудата тоа лето во Северо-Западна Англија, Пабло тогаш читал на интернет, но во гламурозно друштво не губел глава. „Никогаш не сум се сметал за ѕвезда. Јас не сум играч од светска класа како Давид Силва или Јаја Туре. Тие се ѕвезди. Јас се обидувам да дадам се од себе, ако не дадеш ќе те сменат“, изјавил Забалета.

Конкурентите на Сабалета за место во тимот - Мајкон и Боатенг не се задржаа долго во Манчестер Сити.

Без оглед на нивната вредност, ниту едниот ниту другиот не можеле да се пофалат дека во една сезона оставиле крв на терен како Забалета кој во една сезона имал рекордни 21 сошиен конец од повреди („Женет сум, па не се грижам многу за надворешниот изглед“). На дебито во Англија добил модрица на окото и тренерско „добредојде“ во Премиер лигата. Најтешката повреда во кариерата ја доживеал на носот кога тешко дишел, но одбил операција и сакал да продолжи да игра за Манчестер Сити.

Од тој момент до минатиот вторник, кога Пабло ја одигра последната домашна средба за Сити (после мечот не можеше да ги сокрие солзите), никој не направил толку многу за Сити, клубот кој во модерно време нема легенда. Култен статус Пабло Сабалета стекна не само со борбеноста, туку и на легендарниот 13 мај 2012 година - денот кога се случи чудо и коментаторот Мартин Тајлер урлаше Agueeeerooo!

На Јутјуб има стотина видеа од последните пет минути на овој луд меч против КПР во кои сите ги гледаат головите на Един Џеко и Серхио Агуеро, а никој не се сеќава дека првиот гол во триумфот од 3:2 го даде токму Забалета.

„Ниој не зборуваше за првиот гол. Тогаш во соблекувална помислив: ’Ако, нека заврши вака, тоа ќе биде фантастично за мене’. Тоа беше мојот единствен гол таа сезона. Кога КПР израмни а потоа и поведе ме обезма страв но дадовме два гола за пет минути“, се сеќава Забалета колку не сака да биде експониран во јавноста.

Но култот на симпатичниот аргентински десен бек се роди уште порано. Во прво време Забалета имал стан во Дидзбери, предградието на Манчестер. Сабајле одел на тренинг, а попладне седел во локалниот паб „Јачменово зрно“. Денес тоа место е ресторан и веќе нема навивачи на Манчестер Сити како некогаш - таму Забалета се изнаслушал приказни за маалските легенди.

„Со девојка ми (денес му е жена) имавме обичај да дојдеме во пабот и да играме билијард или да гледаме фудбал. Тогаш уште немав приклучено Sky Sports“.

Во поголемо интервју за FourFourTwo Забалета се сеќава и како два-три пати неделно свраќал во рибарницата од аголот која што ја држел навивач на Сити. Пабло се сеќава и како почнал интензивно да учи англиски. Откако го совладал, често бил преведувач за латино-американците - на пример за не толку ажурниот по ова прашање Кун Агуеро.

„Кога јас дојдов менаџер беше Марк Хјуз и 95% од стручниот штаб беа Британци. Морав брзо да научам англиски ако сакав да бидам дел од групата“, раскажува Пабло за времето пред 10 години.

Најмногу учел додека го гледал шоуто The X Factor и неколку епизоди на старата серија Coronation Street. Слушал и манчестерска музика - брзо ги засакал Oasis, група чијшто фронтмен Ноел Галахер е најголемиот навивач на Сити.

„Ноел беше во нашата соблекувална, а Лиам дојде на вечера кога ја славевме титулата во 2012-та. Две градски рок-ен-рол ѕвезди го поддржуваат клубот, тоа е супер“.

Сè се менува, а Пабло Забалета уште прави добра скара

Во еден момент тешко е да се поверува колку многу еден Аргентинец се навикнал на секојдневниот живот во дождливиот Манчестер. Како да се родил таму. Неговата жена Кристел стажирала во весникот Manchester Evening а заедно со Пабло ја прошетале цела Британија на фестивали и концерти. Наместо под шпанското сонце, почнал да ужива на манчестерски дожд.

Кога спремале скара во големото аргентинско друштво, голманот Вили Кабаљеро е задолжен за снабдевање со ќумур, другите за месо, а Пабло ја пече скарата. Друштво им прави и колегата од репрезентацијата а ривал од Јунајтед, голманот Серхио Ромеро.

Во Манчестер има анегдота дека сè тече, сè се менува само скарата на Забалета останува иста.