За прв пат откако ФИФА го прави рангирањето на фудбалските репрезентации од 1993-та година, во јули оваа година Бразил не се најде помеѓу најдобрите 10. Овој месец тие паднаа дури на 14-та позиција.
Во исто време Англија се искачи на 3-та позиција, а овој месец паднаа на 5-та. Сигурно се прашувате како е можно Англија која 16 години не стигнала до полуфинале на Европско првенство и 22 години до полуфинале на Светско првенство, да биде 3-та светска фудбалска сила според ФИФА, а Бразил овој месец да падне на 14-та позиција?
Репрезентациите собираат поени за натпреварите одиграни во последните 4 години. Најмногу поени носат оние во последните 12 месеци, помалку поени носат натпреварите од претходните години.
Формулата е следна:
P = M x I x T x C
M = поени од натпревар (3 за победа и 1 за реми)
I = важност на натпревар (од 1 за пријателска до 4 за финале на Светско првенство)
T = јачина на противник
C = јачина на конфедерација (од 0,85 за Океанија до 1 за УЕФА)
Сигурно од формулава пак не ви стана јасно како може Англија да дојде до 3-та позиција, а Бразил да падне до 14-та. Формулата со која ФИФА го прави рангирањето е малку комплицирана, но ајде да пробаме да ја објасниме попросто.
И покрај тоа што Англија со години нема успех на големо натпреварување, тие немаат остварено многу лоши резултати во последниот периот. Последен пораз на меч со натпреварувачки карактер им е во 2010-та година кога беа елиминирани од Германија на Светското првенство.
По тој натпревар, Англија има претрпено само два порази, но на пријателски натпревари кои и онака не носат многу поени. Во овој период тие имаат одиграно 24 натпревари и победено на 15.
А Бразил пак, немаат одиграно ниту еден меч со натпреварувачки карактер уште откако беа елиминирани од Копа Американа минатото лето. Како домаќини на Светското првенство во 2014-та година, тие немаат потреба да играат квалификации, па од тогаш тие играат само пријателски.
Поените од пријателските на Бразил вредат 2,5 пати помалку од квалификациските на Англија и 3 пати помалку од натпреварите на Англија на Европското првенство каде беа непоразени и беа елиминирани од Италија по пенали.
Македонија следниот месец во Топ 60?
И тоа е можно. Македонија во моментов е на 104-та позиција со 334 поени. Со победа на претстојните квалификациски натпревари против Хрватска и Србија, би можеле да заработиме дури 254 поени, што значи дека со вкупно 588 поени би направиле неверојатен скок и до најдобрите 60 репрезентации на ФИФА листата.