По првите средби од 1/4 финалето минатата недела, сите осум екипи имаат реални шанси за пласман во полуфиналето. Јунајтед прими гол на крајот од мечот со Андерлехт во Брисел но беше единствениот кој извади поволен резултат на гости.
Селта Виго со 3:2 ќе оди во Генк, Лион со 2:1 после нередите оди во Истанбул, а Шалке ќе има тешка задача да надомести два гола од Ајакс. Која екипа има големи, а која мали шанси да го освои трофејот којшто значи место во Лигата на шампионите?
МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
Жозе Мурињо не крие дека Лига Европа е негов приоритет број 1 сезонава. Од таа причина и излезе со шарен состав против Челси во неделата. Јунајтед е главен фаворит да го крене трофејот на 24. мај во Солна (Шведска). Жозе ги одмораше Златан и Михтарјан кои и покрај експлозијата на Маркус Рашфорд денес спремни ќе излезат на ревашнот со Андерлехт.
Ибра е најзаслужен за 8 од 19 гола на Манчестер во ЛЕ сезонава. Сериозноста со која Мурињо му пристапува на овој турнир ја доловува и фактот дека Погба секогаш играл во првите 11. Според сите букмејкери Јунајтед се големи фаворити за пехарот, но победија само на два од шесте гостински средби сезонава така што ништо не е сигурно до крајот.
ЛИОН
Французите се втори фаворити според сите обложувалници. Лион игра добра сезона во која се појавија во Лигата на шампионите, се носеа добро со Севиља и Јувентус, а во Лига Европа ја елиминираа Рома. Во ЛШ Лион на шест меча прими само три гола.
Нивната форма во Лига Европа е импресивна со 18 гола на пет меча од нокаут фазата. Напаѓачиот тандем Набил Фекир-Лаказет е способен да му даде гол на кој било тим додека капитенот Максим Гоналон е ударна сила во средината.
Со Бешикташ губеа до самиот финиш кога за две минути дадоа два гола и со предност ќе патуваат во Истанбул каде ги чека „врел котел“.
СЕЛТА ВИГО
Трет фавориот спорт кладилниците. Селта ќе се обиде да ја продолжи доминацијата на Шпанците кои ја освојуваа Лига Европа во пет од последните шест сезони.
Тимот на Едуардо Берицо минатиот четврток го совладаа Генк со 3-2 (примија два гола во финишот) и ранети патуваат во Белгија. Нивниот напаѓач Иаго Аспас е страшен сезонава во Примера и со пет гола во Лига Европа. Осум од 19-те гола на Селта во Европа дојдоа после прекин.
АЈАКС
Сигурно најмирен од сите екипи вечерва затоа што обезбеди 2:0 пред реваншот со Шалке. Ајакс има среќа што и натаму се бори за титулата во Холандија, па успешно игра на два фронта. „Копјаниците“ загубија само еднаш на 11 меча во Лига Европа (во Копенхаген). Но Ајакс има проблем што не победи на ниту една од последните 4 гостински средби во ЛЕ а сега патува во Гелзенкирхен.
БЕШИКТАШ
Можеби најубава квота за играње на изненадување има Бешикташ. Турците рано поведоа во Лион со голот на Рајан Бабел, но двата гола во финишот од кои едниот стана ноќен кошмар за голманот Фабри може скапо да ги чинат.
Бешикташ вечерва ќе има преку 50.000 гледачи на ултра модерната „Водафон Арена“ во Истанбул. Бешикташ е актуелен шампион на Турција а дома уште не изгубиле цела сезона. Проблем им е суспензијата на клучните играчи Марсело и Винсент Абубакар, но тука се Талиска и Кварезма кој со дуото Хачисон-Озјакуп треба да донесат резултат.
ШАЛКЕ
Тимот од Гелзенкирхен речиси го осигура опстанокот во Бундеслигата, така што растеретен игра во Европа. Екипата на Маркус Вајнциерл ќе брка негатива од два гола, така што тешко е да се предвиди како Ајакс ќе реагира на нивната офанзива.
Освен најбараниот фудбалер во Европа во моментов Босанецот Сеад Колашинац, Јохан Гејс и Леон Горецка, Шалке нема ниту еден играч со повеќе од 2 гола во Лига Европа до денес.
Шалке загуби три и доби еден меч на последните пет во ЛЕ. Тешко дека се способни да го минат Ајакс и да влезат во полуфинале.
АНДЕРЛЕХТ
Заедно со Генк, двата белгиски клуба имаат најмалку шанси за трофеј. Особено Андерлехт кој стигнува на „Олд Трафорд“ со сознанието дека “Црвените Ѓаволи“ немаат пораз на домашен тревник уште од септември лани кога изгубија од Сити.
Доцниот гол за израмнување од Леандер Дендонкер минатата недела им дава какви такви шанси. Андерлехт е предводен од Јури Тилеманс и романскиот репрезентативец Николае Станчиу којшто знае да даде гол од тешки позиции.
Заедно со квалификациите за ЛЕ, Андерлехт постигнал 13 гола досега во Европа и загубил само еднаш на гости (против Зенит во Русија). Но и покрај тоа тешко да го минат Мурињо вечерва.
ГЕНК
Тотален аутсајдер на којшто 1/4 финалето се чини му е плафон. Како и да е, Белгијанците докажаа во Виго минатата недела дека знаат да се надигруваат и дека не залутале во Галиција. Не треба да се заборави дека Генк е најефикасна екипа во Лига Европа сезонава со 24 дадени гола. Дома се непобедливи сезонава во Лига Европа и примиле само два гола на 8 меча на „Кристал Арена“.
Генк зимово остана без најдобрите играчи (Леон Бајли отиде во Леверкузен а Вилфред Ндиди за 15 милиони фунти во Лестер). Шпанецот Алекс Позуело им е главен играч кој е втор најдобар асистент во Лига Европа со пет асистенции.