Koј е Шешко, детето по кое урлаше словенечкиот коментатор?

Го споредуваат со Халанд, бидејќи имаат слична конституција, координација, инстинкт и сличен пат и велат дека веќе излегол од неговата сенка. 

Бенџамин Шешко се очекува да виде големо име на трансфер пазарот во иднина. Има 19 години, а веќе зад себe 15 настапи и 4 гола за сениорскиот тим на Словенија. Стана најмлад дебитант и најмлад стрелец за својата земја.

Во вторникот и се претстави на Европа со еврогол на волеј со лева кој може да се прогласи за гол на сезоната во Лига на нации. Некои го споредуваат со оној на Тоти против Сампдорија, а други со Ван Бастен кој го даде на ЕП 88, ама со десна на другата статива.

Сите беа изненадени, ама не и татко му Алес, кој прв му ја дал топката и му рекол „Бегај надвор и направи нешто што ќе ме зачуди“.

„На три години жонглираше околу куќа без да му тапне. Можеше лесно да ја носи, неверојатно“, вели Алес.

Шешко е роден и израснат во Радече, словенечко село со поглед на езеро, сместено во подножјето на планина. Има околу 4.000 жители, тивко место за работа со топка пред да се дојде до следното ниво.

На влезот во академијата во Салцбург го пишува токму тоа „влезете во следното ниво“. Таму го бараат новиот Халанд, норвешката ѕвезда која блесна во Австрија и откако ги уништи голманите продолжи во Германија, па Англија.

По Патсон Дака од Замбија кој после 61 гол за две сезони во Салцбург, лани замина во Лестер, градот на Моцарт од следната сезона ќе биде и без Бенџамин Шешко, кој на 1 јули 2023 станува член на Лајпциг за 24 милиони евра.

Итрите Германци обезбедија шпиц од 193 см за кој допрва ќе се зборува. За сега сезонава има 5 гола за клуб и 3 за репрезентација.

Го нарекуваат и „Мини Халанд“, благодарение на четири гола постигнати за само 9 минути минатата година во дресот на Лиферинг, инаку резервен тим на Салцбург низ кој помина и Дака.

Тренер му беше истиот кој сега му е во Салцбург, Матијас Џејсле, 33 годишен стратег од генерацијата на лаптопите, пораснат со Ралф Рангник, првиот кој го однесе австрискиот тим во нокаут фазата од ЛШ.

Шешко е манифест на модел кој продолжува да вади играчи во светот на Ред Бул, каде слоганот со големи букви „влезете во следното ниво“ го има напишано на спортски центар од 12.000 м2, поделен меѓу две реки.

Комплексот може да се пофали со шест игралишта со синтетичка трева, две спортски сали, два базени, училиште и 200 деца меѓу кои се бараат таленти со помош на анализа на податоци.

Секој дел, од фитнес центарот до терените е поврзан со сензори кои собираат информации за играчите, кои потоа се анализираат со софтвер.

Така порасна и Шешко. Минатата сезона постигна 11 гола на 37 меча и ја освои титулата. Во 2020/2021 со Лиферинг даде 21 гол на 29 средби.

Неговиот агент Елвис Башановиќ се обидува да ја ублажи споредбата со Халанд.

„Шешко е Шешко, точка. Слични се според брзина и физикус, но имаат различни карактеристики. Доста му се врши притисок“.

На 24 септември Шешко го доби дуелот со Халанд или поточно Словенија ја победи Норвешка со 2:1. И двајцата беа стрелци, а на крајот си ги разменија дресовите.

Како се истакна летоска против Ливерпул

29 септември 2022 - 14:44