Кој е Херардо Мартино?

И по Тито - Тата. Барселона добива нов тренер. Наследник на Тито Виланова е Аргентинецот „Тата“ Херардо Мартино, легендата на Њуелс Олд Бојс и ученик на лудакот Марсело Биелса.

Херардо Мартино го наследува Тито Виланова кој по втор пат е приморан да го напушти кормилото на Барселона заради рак на грлото.

Аргентинецот со прекар Тата е жива легенда на аргентинскиот клуб Њуелс Олд Бојс, поранешниот клуб на Лео Меси. Тата го држи клупскиот рекорд по бројот на настапи, а навивачите на Њуелс Олд Бојс го избраа и за играч на векот. Минатата сезона Мартино го предводеше Њуелс до титула во аргентинското првенство по пауза од 9 години.

Херардо Мартино не е многу познато име во шпанскиот фудбал. Негов најголем успех е предводењето на репрезентацијата на Парагвај кога беше и избран за тренер на годината 2007-ма во Јужна Америка, а претходно освои и 3 титули во парагвајската лига.

Мартино нема премногу успеси во неговата кариера, а никогаш нема ни работено во Европа. Но минатото никогаш не било важно при ангажманот во Барселона. Единственото искуство на Франк Рајкард пред да дојде во Барселона беше испаѓањето од холандската лига со Спарта Ротердам, Пеп Гвардиола зад себе имаше само една сезона со резервниот тим, а Тито Виланова во единствениот обид како прв тренер испадна од третата лига со тимот на Палафружељ.

Во Барселона најважна е филозофијата.

Додека настапувал за Њуелс во периодот од 1990-1992, тимот бил предводен од „лудакот" Марсело Биелса и фудбалските аначитичари сметаат дека тој е негов ученик.

Не само што Тата и Биелса си личат, туку Мартино е познат како „биелиста" и според стилот на игра на тимовите кои ги предводи. На тој начин би се задржал и некој континуитет во стилот на Барселона затоа што токму Биелса е еден од идолите на Гвардиола. Сепак Мартино е попрагматичен од Биелса и далеку подобар од него во личното справување со фудбалерите.

Како непознато име Мартино ќе биде под огромен притисок и постојано ќе биде под лупа на јавноста. Очекувањата од него ќе бидат огромни, а тој допрва ќе треба да докаже дека челниците на Барселона донесоа уште една паметна одлука.