Атлетик Билбао синоќа во Памплона загуби од Осасуна, но сепак овој резултат не го расипа впечатокот за Баскијците по нивната одлична игра во Манчестер. Долги години тимот на Манчестер Јунајтед не бил надиград на Олд Трафорд како што тоа му успеа на Атлетик Билбао на првиот натпревар од осмина-финалето од Лига Европа.
Еден од најзаслужните за овој успех секако е тренерот Марсело Биелса. Тој успеа да го победи големиот Манчестер Јунајтед со 2:3 и покрај тоа што заради политиката на клубот, неговиот тим е изграден само со фудбалери од Баскија, а во тој регион живеат околу 3 милиони жители.
Тој е жива легенда за навивачите на аргентинскиот клуб Њуелс, па стадионот на овој клуб каде кариерата ја има започнато и Меси, го носи неговото име. Со репрезентацијата на Аргентина го освои златото од Олимписките игри во 2004-та, а одлични резултати постигна и со репрезентацијата на Чиле. Од оваа година тој е тренер на Атлетик Билбао.
Челниците на Билбао знаеја дека ризикуваат кога на тренерската функција во својот клуб доведоа човек кој во својата татковина е познат по прекарот "El Loco" (лудак) заради необичниот начин на подготовки за натпревар, специфичниот тренинг и посветеноста за работата која се граничи со фанатизам.
Ризикот и тоа како се исплатеше. Во шпанската Примера тимот ќе се бори за место во Лигата на шампиони, Атлетико ќе игра во финалето на Купот на Кралот, а во Лига Европа веќе се на прагот од четврт-финалето.
Многу психолози сметаат дека Марсело Биелса има ментален проблем со кој заради тешките мисли, личноста гради одбранбен механизам кој често се одликува со ритуално повторување на одредени постапки.
По неодамнешното реми на Атлетик Билбао со Виљареал, еден новинар го праша Аргентинецот „дали е случајно тоа што секој пат кога чекори во тренерскиот простор пред клупата, тој прави точно 13 чекори".
Биелса на тоа му одговори:
„Случајност е тоа што вие на ваков убав натпревар сте ми ги броеле чекорите наместо да ја следите играта".
Погледнете за што се работи и забележета како дури и навивачите на Виљареал му ги бројат чекорите:
Марсело Биелса е познат по неколку бизарности. Секој терен на кој неговиот тим гостува, мора да биде измерен до сантиметар и тој дури тогаш прецизно ги поставува фудбалерите во формацијата за натпреварот.
Додека беше селектор на Аргентина (1998-2004) и Чиле (2007-2011), тој често знаеше да држи одвоени тренинзи со дефанзивците, играчите од средниот ред и напаѓачите.
Кога пристигна во Билбао тој ги прегледал видеата од сите 38 натпревари на Атлетико од минатата сезона и собрал податоци за секој фудбалер во неколку огромни Excel фајлови. Велат дека никој не може да ги разбере тие податоци, затоа што тој запишува во само за него познати категории. Според Бјелска, постојат 36 различни начини на кои играчите комуницираат со додавање и потребно е сите да се препознаат и да се направи соодветна анализа.
Тој никогаш не дава интервјуа на новинари, но неговите прес-конференции по натпреварите можат да траат и со часови.
Тренинзите се интензивни и тој е немилосрден кон играчите, а често знае да повика неколку деца од публиката за да стојат или трчаат на теренот и да му помогнат при демонстрирањето на некоја негова замисла.
Минатиот месец неколку деца го застанале на улица и побарале од Биелса да им даде автограм на нивниот албум со сликички од тимот. Тој имал подобра идеја. Им го земал албумот и им рекол да се чекаат следниот ден на истото место и во истото време. Кога тој пристигнал на местото, им го вратил албумот а во него биле автограмите од сите фудбалери на Атлетик Билбао.
Според некои шпекулации, неодамна во Билбао требало да пристигне претставник на Роман Абрамович кој требал да поразговара со Биелса околу евентуалната можност тој ова лето да го преземе Челси.
„Не разговарам со луѓе кои разговараат во име на други луѓе", одговорил Аргентинецот.
Лудак или гениј? Во секој случај Марсело Биелса е еден и единствен.