Кој е Даниел Леви - претседателот на Тотенхем од кого бегале и Мамиќ и Фергусон

„Тие уште си немале работа со Даниел Леви“, кратко прокоментирале во Манчестер Јунајтед за Индепендент за преговорите кои ги водеа Баерн Минхен и првиот човек на Тотенхем.

После недели и недели мачни и исцрпувачки преговори и филмски пресврти (Хари Кејн буквално го симнале од лет за Минхен зошто на Леви му текнало да бара уште повеќе пари), конечно на крајот Баерн го потпиша најдобриот англиски центарфор во современата историја.

Цената која му ја платија на Тотенхем изнесува 100 милиони евра. За играч кој е во последна година од договорот и следното лето ќе стане слободен.

Баерн Минхен сега видел на дело како им е на многу во англискиот фудбал. Како е да се игра трансфер покер со Даниел Леви, лукавиот претседател на Тотенхем кого го бие глас дека е најтешкиот преговарач на светот. Па замислете кога и Здравко Мамиќ бегал од него.

КОЈ Е ВСУШНОСТ ДАНИЕЛ ЛЕВИ?

Леви пред Тотенхем помагал во семејниот бизнис со продажба на гардероба.

„Пред повеќе од 50 години бев тука со дедо ми на мојот прв фудбалски меч против КПР“, се сеќавал Даниел Леви пред последниот меч на стариот легендарен „Вајт Харт Лејн“ во Лондон.

На патот од дрвени столици па се до претседателското столче на Тотенхем, Даниел Леви стекнал големо искуство и чудни навики.

Тој стекнал економско образование на Кембриџ и паралелно им помагал на неговите со семејниот бизнис. Татко му држел ланец бутици Mister Byrite (во 2006-та го преименувале во Blue Inc и го продале).

Даниел Леви со голем интерес се пикал во разни сфери на корпоративни финансии и недвижности. Стекнувал авторитет. Во 1995-та година влегол во инвестицискиот фонд ENIC (English National Investment Company).

Сопственикот на компанијата ENIC Џо Луис во Леви видел потенцијал и тие двајца во втората половина на '90-те години вложувале во различни компании. Исто така Леви и Џо Луис стекнале право да управуваат со британските продавници на франшизата Warner Bros. Studio. 

Потоа двајцата сакале нешто погласно, пожестоко. „Го одбравме фудбалот зошто е најпопуларен вид спорт на Земјата околу кој се вртат пари. Баравме не само бизнис кој а година дена ќе порасне на 10% туку баравме нешто возбудливо“, објаснил подоцна Даниел Леви.

Компанијата ENIC купила акции и стекнала удел во Ренџерс, АЕК, Виченца, Базел и Славија Прага.

Но главна замисла од младоста на Луис и Леви им бил - Тотенхем.

Првпат се приближиле до клубот во 1998-ма но ги одбиле. После пола година биле поуспешни: бизнисменот Алан Шугар кој бил критикуван од навивачите продал 29,9% од своите акции за 22 милиони фунти.

„Оваа сума му пружи задоволство на Леви. 80 пени по акција биле 20 пени помалку од она ENIC го нудел а Шугар го одбил пред 18 месеци“, пишува авторот на книгата за бизнис страната во Премиер лига, The Club.

После тоа Леви и Луис значително го зголемиле влијанието во клубот. Во моментов ENIC International Limited има 85,55% од акциите на Тотенхем. Во октомври 2001-ва година тогаш 38-годишниот Леви станал претседател на клубот, а Луис повеќе години останал во сенка и се концентрирал на бизнисот (Forbes ја проценува состојбата на партнерот на Леви на 6,2 милијарди долари).

За личниот живот на Даниел Леви малку е познато. Жена му Трејси работела како негова секретарка и тие имаат четири деца.

„Јас сум доволно резервирана личност, не сакам да бидам во центар на внимание. Нема да се случи да стојам пред играчите и држам говор“, рекол еднаш Леви.

Но кога некој е заинтересиран да купи играч на Тотенхем, скромноста исчезнува.

ЛЕВИ Е ПРАВ ПЕКОЛЕН ПРЕГОВАРАЧ, ФЕРГУСОН, МАМИЌ И МНОГУ ДРУГИ КРЕНАЛЕ РАЦЕ ОД ПРЕГОВОРИ СО НЕГО

Прекрасен расказ од првиот човек на фудбалскиот оддел на Гардијан Даниел Тејлор имало пред неколку години. Во 2012-та година Лука Модриќ кој од Динамо Загреб пристигна во Тотенхем во рекорден трансфер (Мамиќ раскажа какви маки имал со Леви при преговорите и дека газдата на Тотенхем му наплатил пар дресови од Модриќ кои ги зел од Лондон), ја доигрувал последната сезона за Спарс.

Алекс Фергусон дознал дека Лука немал ништо против да премине во силниот Манчестер Јунајтед. Тоа му бил трансфер од соништата, Фергусон високо го ценел Модриќ. Го споредувал со Пол Сколс, со Чави и со Иниеста од финалето на ЛШ 2011 и верувал дека Лука е близок до идеалите на Јунајтед.

Но Шкотланѓанецот ништо не презел. Откако се советувал со извршниот директор Дејвид Гил, Ферги се откажал од какви било преговори со Леви.

„Никогаш нема да заборавам како мислев дека сè е веќе готово. И наеднаш ми ѕвони Дејвид Гил и ми кажува дека сакаат повеќе. Типичен Даниел Леви!“, се сеќавал Фергусон при трансферот на Мајкл Карик во Јунајтед.

Во 2006-та година Тотенхем на Карик на кого за година дена му истекувал договорот, заработил 17 милиони фунти!

„Тој човек само ќе ве збуни, со него не може да се разговара за предностите на двете страни. Само тој само Тотенхем и ништо повеќе! Иако од нивна точка на гледање, тоа секако не е лошо“, напишал Фергусон во својата автобиографија.

Со Димитар Бербатов било подруго. Јунајтед го купил одличниот Бугарин за рекордни за Манчестер тогаш 30,57 милиони фунти на истек на преодниот рок.

Тотенхем не сакал да го пушта во друг клуб од Премиер лига напаѓачот кој даде 27 гола на 69 меча (Леви ни сега не сакал да чуе да го даде Кејн во Манчестер Јунајтед ни во кој било друг клуб од ПЛ).

На крајот пресудила желбата на Бербатов. Преговорите траеле цело лето и Фергусон кажал дека „преговорите биле поболни од операција на замена ребра“.

Во Тотнем тогаш не биле задоволни од односот на Бербатов, го отстраниле од првиот тим и тренирал одвоено, па не играл ни натпрвари. Леви го обвинил Јунајтед за нелегален пристап.

„Даниел сака да ти ги стисне јајцата толку силно додека од твоите очи не протечат солзи“, рекол еден од првите луѓе на еден премиерлигаш во разговор за Дејли Мејл.

Ваквата репутација создала имиџ на Леви како најбезмилосен и ладнокрвен преговарач во англискиот фудбал. Тоа што го раскажувале за неговите манири изгледа надреалистично.

Џон Смит, предвесник на современите фудбалски менаџери (клиенти му биле Диего Марадона, Руд Гулит, Питер Бирдсли) во книгата The Deal вели дека еднаш Леви се согласил да му плати комисија при услов Смит (голем навивач на Арсенал) да потроши дел од парите на место во ложата на „Вајт Харт Лејн“.

„Тоа беше класичен Даниел. Но тоа време беше љубезен. Тој сè прави со насмевка. И кога ќе ти ја стегне раката веќе не чувствуваш болка“, раскажал Смит.

Долгогодишниот, децениски претседател на Лион, Жан-Мишел Ола кој неодамна го продаде клубот, на времето го продаде голманот Уго Љорис во Тотенхем. Французинот стана капитен и права клупска легенда. Ола се сеќавал на тие преговори:

„Тој (Леви) многу зборува а после се враќа на тоа што веќе сме го договориле на хартија. Преговорите со Тотенхем беа најтешки кои сум ги имал во последните 25 години“.

Во летото 2011-та Лука Модриќ бил сигурен дека Тотенхем ќе го пушти во Челси. Поради коректниот и ферски однос со претседателот Даниел Леви, Модриќ мислел дека овој ќе се смилува и дека се ќе пројде лесно.

Мислел дека Леви нема да се буни ако стигне понуда од статусно поголем и поуспешен клуб.

Понудата од 22 милиони фунти не го мрднала Леви од место па „сините“ решиле да ја удвостручат понудата на 40 милиони фунти. Леви чекал уште некое време и не го пуштил Лука кој одигра уште една сезона во Тотенхем а следната сезона отиде во Реал Мадрид за 30 милиони фунти.

„Даниел никогаш не повишува глас и не вика. Затоа тој секогаш победува. Други губат самоконтрола. Тој е пресметлив и спремен да чека. Луѓето обично се нервираат или се секираат, а тој ужива“, вели некогашниот извршен директор во Тотенхем Дамијан Комоли.

Класична зделка на Леви е да купи млад играч со потенцијал да стане ѕвезда пред само затворање на преодниот рок кога цената е пониска од почетната. Претседателот на Тотенхем не се губи кога во гужвите пред крајот на преодниот рок времето истекува. Тој е сигурен дека времето секогаш е на негова страна. Тоа секогаш е победа на Даниел Леви.

Од 14 фудбалери на Тотенхем кои играа во финале на Лига на шампиони 2019-та, дури шест се купени во последните моменти од преоден рок: Лорис, Сисоко, Ериксен, Сон, Мура, Љоренте

Така било и со Рафаел ван дер Варт. Како што самиот раскажал Холанѓанецот, во 2010-та Леви сакал да ја спушти цената на Реал. Тогашниот тренер на Тотенхем Хари Реднап ништо не знал еза тоа.

„Леви му се јавил на Реднап и му кажал дека има за него подарок.  Реднап после ми призна дека прво што помислил било нова кола или нешто така“, се сеќава Ван дер Варт.

Ван дер Варт си отишол од Тотенхем точно две години подоцна, исто на 31-ви август. На ист датум во последни минути од преоден рок од Тотенхем си оделе и Питер Крауч и Герет Бејл со рекорден светски трансфер во Реал Мадрид. 

ЛЕВИ НЕ ИЗЛЕГУВА ОД ВОТСАП И ГИ КОДИРА ТРАНСФЕРИТЕ (А1, А2) ЗА СЕ ДА ОСТАНЕ ВО ТАЈНОСТ И ДА НЕ СЕ ИЗЈАЛОВИ

Во средината на 2000-те Тотенхем бил еден од првите ако не и прв премиерлигаш кој преминал на континентална варијанта со спортски директор во клубот кој ќе работи над трансферите.

Леви не сакал да ризикува цела власт да му ја даде на тренерот како што било дотогаш во Англија.

„Тоа е во англискиот дух кога некој тренер доаѓа, ги брка пола играчи и на нивно место си носи свои. Клубот губи милиони, продава со загуба и повторно купува“, рекол Даниел Леви.

Во 2004-та спортски директор на Тотенхем станал Франк Арнесен кој набрзо замина во Челси. После него беа Французинот Комоли и Италијанецот Франко Балдини (најзаслужен што во летото 2013-та Тотенхем ја заврши зделката за Герет Бејл и вкупно седум новајлии меѓи кои и Ериксен).

После него спортскиот директор кој дошол од Саутемптон, Пол Мичел го довел Кореецот Сон и Тоби Алдервејрелд но откако се замерил со Леви заминал во РБ Лајпциг.

Маурусио Почетино, еден од најславните тренери на Тотенхем кој го донесе овој клуб до финале на Лига на шампиони во тој период не сакал спортски директор и Тотенхем формирал трансфер комитет во кого седеле Почетино, шефот на скаутите, шефот на академијата и самиот Даниел Леви чија секогаш е последна.

Во 2021-ва година клубот се вратил на моделот со спортски директор и го постави Фабио Паратичи кој ги донесе Антонио Конте, Родриго Бентакур и Дејан Кулушевски но доби забрана од ФИФА и УЕФА поради малверзации во Јувентус.

Затоа Даниел Леви е уверен дека интересите на Тотенхем најдобро од сите ги штити само тој.

Луѓето кои работеле со него велат дека големата љубов кон Тотенхем го одржува да остане претседател. Тој не го испуштал телефонот од рака, сакал да решава прашања преку Вотсап. Малку спиел и не сакал кога не му одговараат на пораки повеќе од десет минути.

Имал манијакален страв да не проистекнат некои тајни информации од клубот па затоа ги кодирал трансферите под кодни имиња.

„Леви направи рид со пари на пазарот со недвижности. Мислам дека така и гледа на играчите: ги купува па после две-три години ги продава“, вели Џим Даган, автор на книгата The Glory of Spurs.

22 ГОДИНИ ВО ТОТЕНХЕМ - СМЕНИЛ 13 ТРЕНЕРИ

Даниел Леви минатата пролет гостувал на Кембриџ каде одговарал на разни прашања. Едно од студентите било и за смената на тренери.

„Тоа е просто дел од играта. Ништо лично. Ние сме во бизнис каде треба да се победува. Ако недоволно победуваш, тренерите знаат дека нивната работа е во опасност. За тоа добро се платени. Во нормален однос сум со сите тренери кои биле во Тотенхем“, рекол тој.

Најкратко од сите останал Жак Сантини - само 13 меча. Со него Тотенхем играл многу бавен, досаден, очаен фудбал. Токму од тоа време Мурињо за него ја смислил фамозната изјава со „паркиран автобус пред голот“.

Најдолго легендарниот Маурисио Почетино - цели пет пол години. Аргентинецот од летово е нов тренер на Челси по бледата авантура во ПСЖ и долгиот одмор. 

Мартин Јол го тренираше Тотенхем три години, два пати заврши петти, а бил отпуштен на полувреме од меч во Куп на УЕФА. Холанѓанецот тогаш бесен раскажал за Телеграф до кој степен дошол Леви кога во средината на 2000-те сакал европски успех.

„Даниел и потпретседателот Пол Кемсли беа опседнати со Лига на шампиони. 

Пол ми кажа еднаш: „Ако влеземе во Европа ќе ти подарам БМВ“. И влеговме во Куп на УЕФА но наместо кола добив часовник. Тоа беа убави моменти а јас не сакав да прашувам што е со БМВ-то. Пол исто не се наврати на таа тема. После една година пак влеговме во еврокуп и Даниел ми подари Порше 911. Просто прекрасно но имаше мал проблем: јас веќе имав таква кола и тајно ја продадов новата за пар месеци“.

Со Хари Реднап Тотехнем првпат влезе во Лига на шампиони и го помина Милан во 1/8 финалето. Тоа беа историски резултати. Во сезоната 2011/2012 Тотенхем заврши четврти но Реднап секако доби отказ.

После следуваше експеримент со Виљаш-Боаш (еви го назначи Португалецот четири месеци откако овој доби отказ во Челси).

Под негово водство Тотенхем за првпат после цели 23 години победи на „Олд Трафорд“. Герет Бејл блескаше но Боаш доживеа и некои тешки порази како оној 6:0 од Сити и 5:0 од Ливерпул.

Ерата со Почетино беше импресивна. Леви се заинтересирал за аргентинскиот тренер и го привлекло тоа што Поч бил верен и знаел да развива млади играчи - идеална комбинација за претседателот на Тотенхем.

Во првите три сезони со Почетино, Спарс имаа најмлад состав во лигата и се оствари сонот на Леви да бидат стабилен учесник на ЛШ.

Во книгата на новинарот Гиљем Балаге, Почетино признава дека од Леви е тешко да се добие било што. Маурисио раскажл како еднаш Леви и неговите помошници во време на репрезентативна пауза отишле за Аргентина за да „ги наполнат“ батериите.

Додека се возеле со глисер по некоја река Леви паднал во водата, па Почетино го фатил воланот и во шега му рекол: „Даниел, или ќе ми ја зголемиш платата или те оставам тука“.

Двајцата ептен се погодиле во дружбата, па еднаш Почетино рекол како „сопругата на претседателот дури и зборуваше како јас сум трет во бракот“.

Кога Тотенхем го совлада Ајакс на гости среде Амстердам во лудото полуфинале и влезе во историско финале на Лига на шампиони, Даниел Леви едвај ги воздржувал емоциите.

„Потресно. Се испостави дека Даниел е човек. Тоа е страна која ретко ја покажува, се труди да ги чува емоциите внатре. Луето од бизнисот се уверени дека тоа не е за нив и дека како во покер ако покажеш емоции тоа е момент на слабост. Сега го совладаа емоциите. И тоа беше пример на трансформација низ која поминал клубот“, раскажал Почетино.

Но не е дека тој никогаш не направил грешки на трансфер пазарот. Имал и промашувања и тоа многу. Како рекордни трансфери на Тотенем, во клубот речиси ништо не покажаа Сергеј Ребров, Дарен Бент, Паулињо, Роберто Солдадо, Ерик Ламела, Муса Сисоко, Давинсон Санчез, Ндомбеле, а сега ни Ришарлисон.

Тотенхем сега почнува нов живот со нов тренер и свежи 100 милиони фунти заработени на упорноста и ладнокрвноста на својот претседател во чие време добија и најмодерен светски стадион.

Даниел Леви.

18 август 2023 - 17:41