Историски триумф на Пелистер среде Скопје, титулата оди за Битола!

Во најдраматичната сезона во историјата на македонската ракометна Суперлига, Пелистер го совлада Вардар на гостински терен среде Скопје 30-32 (17-15) и ја освои шампионската титула во последното коло!

Македонија може да се пофали дека го има едно од најдобрите европски ракометни дерби дуели. Овојпат битката меѓу вечните ривали Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер решаваше за шампионскиот пехар. Директен дуел во кој на „црвено-црните“ им одговараше и нерешен исход.

Но Пелистер се крена над сите проблеми, против повеќе од 5.000 вардарови навивачи и успеа да слави историски триумф вреден шампионски пехар.

Црвено-црните го имаа првиот напад а шутот на Вуко Борозан го одбрани Никола Митревски а на спротивната страна гол постигна Домен Тајник за 0-1.

Воден од незапаметена поддршка од преполната сала, Вардар првпат поведе 3:2 па предноста ја чуваше во првите дваесетина минути. Зелено-белите од Битола, актуелниот шампион на Македонија не дозволија ривалот резултатски да се одлепи па долго време се играше гол за гол.

Вардар првпат осетно избега во 21' минута кога со погодоците на Лазаревски и Срдановиќ „отиде“ на 13-10.

Имаа домаќините и нов налет со еуфорична серија и поведоа 15-10 но по тајм-аутот на Раул Гонзалес Пелистерци се вратија на 15-13, а на полувреме се замина со 17-15, +2 за Вардар.

Во вториот дел капитенот на Битолчани Филип Кузмановски презеде одговорност и донесе израмнување 19-19 па нерешен резултат стоеше на семафорот во следните неколку минути.

Во драматична завршница Пелистер со одбранет пенал на Никола Митревски и гол на Жарко Пешевски водеше 29-30 на минута пред крај. Вардар пак доби пенал а ново исклучување заработи Борзаш.

Но Срдановиќ погоди статива и Пелистер имаше напад за конечен триумф. Филип Кузмановски се проби како шило, се избори за седмерец кој го реализираше искусниот Манасков за конечна победа и титула среде Скопје.

Најефикасни на мечот за Вардар беа Вуко Борозан со осум погодоци и Срдановиќ кој даде седум. Кај Пелистерци седум гола даде играчот на мечот Филип Кузмановски а по пет постигнаа Хосни, Жарко Пешевски и Тајник.

Со оваа победа, битолскиот клуб ја освои 9-та шампионска титула во македонското првенство и удри печат на доминацијата која трае уште од 2023-та година. Ова е хет-трик на титули на Пелистер.

7 јуни 2025 - 21:47