
Фото: Epa Images
Селекторот на Македонија Благоја Милевски се реши за проверен состав на кој му се придодадоа Бојан Илиевски на десен бек и дебитантот Андреј Стојчевски кој играше заедно со стоперите Муслиу и Зајков во формација 3-5-2.
На голот беше Столе Димитриевски, лево Алиоски, десно Илиевски, централни дефанзивци Стојчевски, Муслиу и Зајков, во средниот ред Јани Атанасов, Костадинов, Барди и Елмас и во самиот шпиц Бојан Миовски.
Руди Гарсија настапи со голманот Селс кој го заменуваше повредениот Тибо Куртоа. Во одбраната Муние, Де Кујпер, Фаес и Дебаст. Средниот ред го предводеа Де Брујн, Раскин и Ванакен а во шпицот триото Доку-Лукаку-Салемакерс.
Белгијците очекувано тргнаа отворено, со далеку поголем посед на топка што им даде шанса на македонските репрезентативци од контри и полу-контри да го загрозат голот на 33-годишниот Селс.
Со блага иницијатива Белгија се обидуваше да стигне до голот на Македонија но одбраната на црвено-жолтите одлично ги извршуваше задачите.
Прав огномет се настана од 20' минута. Најпрвин Кевин Де Брујн распали од далечина но Столе Димитриевски одлично одбрани и ја исфрли топката во корнер. Гостите изведоа дури 7 корнери за 20 минути.
„Градски стадион“ се затресе по една контра на Македонија кога најпрвин Енис Барди со маестрален шут ја погоди стативата а Алиоски на одбиената топка го следеше соиграчот и тој ја погоди истата статива.
Таа неискористена шанса избраниците на Руди Гарсија ја казнија во следниот напад. Во 27' минута левиот бек на Клуб Бриж, Максим Де Кујпер најдобро се снајде при една гужва во полето пред Димитриевски, налета на одбиена топка и лесно ја затресе мрежата.
До крајот од првиот дел Енис Барди проба од слободен удар од 20-ина метри но топката заврши во живиот ѕид. На полувреме се замина со водство на Беглија 0-1.
Селекторот Милевски се реши да менува и на стартот од вториот дел во игра влезе Агон Елези наместо Јани Атанасов.
Веќе во 50' минута цел стадион стана на нозе откако Елиф Елмас постигна прекрасен гол но главниот судија од Англија го поништи по реакција од ВАР собата поради наводен офсајд. При летот топката се одбила од бекот Илиевски кој бил во офсајд.
Во продолжение од мечот селекторот Милевски направи четири измени, во игра влегоа Чурлинов, Ашковски, Митровски и Милан Ристовски.
Од 70-та минута Македонија тргна по израмнување. Нападите одеа претежно по левата страна каде Чурлинов, Елмас и Алиоски го пробиваа противничкиот бедем.
По неколку сериозни шанси, Македонија конечно израмни и тоа со спектакуларниот гол на Езѓан Алиоски. Во 87' минута Чурлинов одлично центрираше а Џани во кунг-фу стил распали од волеј и го совлада Селс. Д-е-л-и-р-и-у-м на „Градски“ чии трибини се тресеа како ретко кога во последниве неколку години.
До крајот Македонија го сочува големиот бод а Белгија не беше ни бледа сенка од селекцијата која во еден момент беше и прва на светската ранг листа на ФИФА.
Заслужен бод. Македонија после 3 натпревари е втора на табела со 5 бода (1 победа против Лихтенштајн, 2 ремија против Велс и Белгија). Велс е прв со 7 бода после 3 меча. Казахстан е трет со 3 бода, Белгија има само 1 бод од 1 натпревар а Лихштентајн е без бодови.