Кога Хичкок ќе режира драма во фудбалот

Вчерашната инфаркт завршница меѓу Барселона и ПСЖ не е единствен пресврт во историјата на фудбалот. Ретко кој ќе го заборави Солскјер и ’99-та или Депортиво и Ливерпул против Милан.

„Два пати ја видов Пресвета Богородица и знам каква боја има“, раскажа еднаш Џенаро Гатузо на прашањето што чуствувал по драмите со Милан против Депортиво и Милан.

Пред да го осудиме Гатузо за богохулење, да видиме што им проаѓало низ глава на играчите кои биле сведоци на чудата во спортот. Токму Рино Гатузо беше на „Риазор“ вечерта на 6. април 2004  година кога Депортиво Ла Коруња ја надомести негативата од 4-1 против Милан во четвртфиналето.

Гатузо не знаел дали има кошмар или вистина му се случува чудото на 25. мај 2005-та година на стадионот „Ататурк“ во Истанбул каде Милан на полувреме од финалето на ЛШ водеше 3:0 а потоа прими 3 гола во вториот дел и изгуби на пенали од Ливерпул.

Гатузо неколку месеци после мечот изјави дека му се случило нешто што човековиот ум не може да го сфати, а Пирло во својата биографија на големо ја опиша атмосферата од соблекувалната во која имало мртва тишина и замрзната крв. Така она што се случи со Барселона вчера нема рационално објаснување. Ако парадата на Дудек во Истанбул по ударот на Шевченко ги смени законите на физиката, голот на Сержи Роберто за 6-1 против ПСЖ е нешто натприродно.

МАНЧЕСТЕР- БАЕРН

Фамозниот гол на “Камп Ноу“ (оној од лево кога ја гледаме Барса во пренос) е локација за трилинг завршница.

Сигурно еден од најлегендарните моменти се случи токму пред овој гол на 26. мај 99-та година. Марио Баслер (од слободен) го донесе Баерн во водство против Манчестер во финалето со гол на таа страна, а во 91’ и 93’ минута како да застана времето.

И во овој случај како и синоќа во еден ист шеснаесетник имаше двајца голмани кои чекаат центаршут. Трап и колегата Тер Штеген го чекаа нафрлувањето на Нејмар, а Питер Шмајхел пред 18 години го чекаше “набацувањето“ на Девјид Бекам.

Бекс „на тацна“ му ја намести на Теди Шерингам за 1-1, а само две минути подоцна вториот корнер на Бекам го реализираше Солскјер со глава и Оливер Кан не знаеше што му се случува. Манчестер стана европски шампион во само две минути.

ЈУВЕНТУС - РЕАЛ

Четири години по чудото на Манчестер Јунајтед, Јувентус загуби во Мадрид од галактичкиот Реал 2-1, а го доби реваншот со 3-1 во можеби најдобриот меч во клупската историја на “Старата Дама“.

Јувентус има и „кнедла“ во грлото од Баерн Минхен минатата година. Италијанците славеа 0-2 во Минхен, а дома Баерн ги попари 2-4 и испаднаа.

МАНЧЕСТЕР СИТИ СО КПР

13. мај 2012 е ден со најлудата завршница во борбата за титулата во Англија.

Квинс Парк Ренџерс водеше 1-2 до 91’ минута, но уште еден тим од Манчестер направи нереална драма. Првин Един Џеко израмни на 2-2 а во 94’ Кун Агуеро им ја донесе титулата на “граѓаните“ за шок во фудбалскиот свет.

МАСИМО МАКАРОНЕ И МИДЛЗБОРО

Во 2006-та година се одигра фантасичен меч со неверојатен пресврт. Во полуфиналето на Лига Европа Стеауа во Букурешт со 1-0 го победи Мидлзборо, па следуваше реванш на “Риверсајд“.

Романците водеа 0-2 и со вкупни 0-3 сите мислеа дека е готово. Сите освен Масимо Макароне кој беше режисер на пресвртот од 4-2 и Мидлзборо влезе во историското финале.