Кога селекторот на Велс го заборавил пасошот и пропуштил авион за меч со Македонија

Фудбалскиот пат на многу тренери и играчи е исполнет со секакви настани од кои некои се вредни и да се запаметат, па да се прераскажуваат како анегдоти. Крис Колман, некогашниот велшки селектор има една таква. Поврзана му е со Македонија

Epa Images
Epa Images
Epa Images

Крис Колман е познато лице во Велика Британија. Тој е роден во Свонси, во Велс, а во кариерата се изнаигра фудбал за Манчестер Сити, Свонси, Кристал Палас, Блекбурн Роверс и Фулам. Запиша скоро 500 настапи за овие клубови и во 2002-ра се пензионираше.

Поточно стана тренер. А фудбалските води потоа го носеа во Реал Сосиедад, Ковентри, АЕЛ на Кипар, па беше селектор на Велс, па ги тренираше Сандерленд, кинески Хебеи Чајна Форчун, Атромитос, АЕЛ Лимасол. Денес е тренер на белгиски Леувен.

Колман на 19-ти јануари 2012-та година беше назначен за нов селектор на репрезентацијата на Велс, откако дотогашниот селектор и поранешен фудбалер Гери Спид неколку недели претходно (според исходот на истрагата) извршил самоубиство.

Крис не тргна добро, напротив, стана негативен рекордер со дури пет порази по ред на кормилото на Велс. По дебаклот 6-1 од Србија во Нови Сад Крис Колман ја понудил својата оставка но федерацијата имала трпение и го оставила да си ја води работата.

Тоа им се исплатеше дури во следниот циклус квалификации за Евро 2016 кога Крис Колман го однесе Велс на прво големо натпреварување после 1958-ма година односно после цели 58 години!

А на тоа Европско Велшаните беа хит затоа што завршија први во група, па после стигнаа дури до полуфинале каде беа елиминирани од идниот шампион Португалија на Кристијано Роналдо.

Од кариерата на Крис Колман како селектор на Велс се памети и една анегдота, кога го изгубил пасошот пред патот за Македонија на квалификациски натпревар за Светско првенство.

Тогаш не полетал со репрезентацијата од Кардиф за Скопје и ја пропуштил прес-конференцијата на тогашната „Филип II Арена“.

Дури следното утро откако претходно отишол до Њупорт по нов пасош кој му го обезбедиле властите, фатил лет од аеродромот Хитроу во Англија па преку Виена долетал во Скопје.

Пресот во Скопје тогаш го водеше неговиот помошник Кит Симонс кој изјави дека Велс тренирал вечерта во Скопје и дека инцидентот со пасошот не влијае никако врз дечките а дека селекторот ќе има време да се истушира и да одмори, без да се срами од изгубениот пасош.

Капитенот Ешли Вилијамс се пошегува на темата па во Скопје изјави: „Јас си имам пасош! Знаете, многу од луѓето не сфатија дека нешто не е во ред додека бевме во авионот“.

На која трагедија во Велс потсети селекторот Крег Белами на прес-конференција?

Македонија еднаш го победи Велс, пред 12 години

Миовски против Велс ќе игра со специјални копачки

25 март 2025 - 13:43