Италија денеска се збогува со Салваторе Скилачи, возвишувајќи го разни епитети како легенда, херој и симбол на италијанскиот фудбал.
Важеше за добар напаѓач, но не од рангот на еден Алесандро Дел Пјеро или Роберто Баџо, со кој играше заедно на Мундијалот 1990.
Тото има одиграно само 5 сезони во Серија А, три со Јувентус и две со Интер и има освоено вкупно 3 трофеи, без ниту едно Скудето. Куп на Италија и Куп на УЕФА со Јуве и уште еден Куп на УЕФА со Интер.
Кариерата ја почна во Месина каде играше вкупно 7 сезони во втора и трета лига, а ја заврши во Јапонија. Името си го издгради со настапот на СП 1990, единствен за него на големо репрезентативно натпреварување.
Со постигнатите 6 гола стана најдобар стрелец, а беше прогласен и за најдобар играч во конкуренција на имиња како Лотар Матеус и Диего Марадона кои завршија на втора и трета позиција.
Популарниот Тото Скилачи бил всушност една од причините за слабата минутажа на Дарко Панчев во Интер, кој во интервју за Офф.нет пред 10 години, изјави дека бил форсиран од страна на тренерот и дека бил близок со некои играчи на Интер.
„Во Интер заминав во една лоша атмосфера која се влечеше 2-3 години пред тоа бидејќи немале успеси. Второ, немавме добра екипа, немавме европски гледано добар тим и не игравме добро. Јас навлегов во проблеми, се искарав со тренерот, го форсираше Скилачи кој дојде и беше близок со некои играчи на Интер.
Јас сето тоа го осетив, па се искарав со управата, посебно со еден потпретседател, Боски. И кога ќе влезете во една таква ситуација не можете да очекувате нешто. Но јас тоа можев да си го дозволам, зашто отидов таму со скоро 28 години. Освоив сè претходно и не отидов таму да се докажувам, па да морам да молчам.
Ако отидете како 20 годишен, ќе молчите, ако ви речат да играте бек, ќе играте бек, ако ве тегнат за уши исто мора да молчите, јер вие бркате кариера, треба да заработите. Ама јас направив голем трансфер и не сакав некој да се зеза со мене и можев да си дозволам да се искарам, па дури и да ја прекинам кариерата. Јас така се поставив.
Можеби беше погрешно, јас не велам дека тоа било правилно, можеби требало да ќутам и да цицам од две мајки што се вели, па можеби ќе направев и подобра кариера во Италија. Но јас бев таков, се искарав и после 3 години се заинатив, почнаа да ме уценуваат, да ми го намалуваат трансферот и тогаш реков кој ве шиша ако треба нема да играм, има да ги платите парите и готово. Така тргна цела работа, така и заврши и после 3 години не се правеше кариера.
На 31 година отидов една година во Германија, па во Сион, чисто колку да ја завршам кариерата. Можеби да сум постапувал на друг начин друго ќе било. Доколку сум отишол во Барса, Реал или Милан немало така да биде, можеби ќе сум имал соработка со поквалитетни и попаметни луѓе, тоа е, во кариерата има и падови и успеси, мене падот ми дојде на крај, сигурно не се по моја вина, можеби дел“, ни изјави тогаш Панчев.
На истата тема, Панчев зборуваше и пред три години за српската емисија „Mojih TOP 11“.
„Тој тренер тогаш беше мал за Интер. Мал за да гради голем тим. Беше добар италијански тренер и толку. Надвор од Италија никој не го знаеше. Мислам дека притисок му правеа Фери, Ѕенга, Дагостини и уште некои од постарите играчи како Бергоми кои беа староседелци во Интер. Притисок за да игра Тото Скилачи, а пази Тото игра на 32 натпревари таа сезона и дава само 4 гола како шпиц. Па тоа ли е успешна сезона? Јас играв на 12 и дадов еден гол од кои на 7-8 влегов како резерва. И сега не можам да кажам дали сум играл добро или лошо во Интер кога не играв. За да ја сумираш играта, треба да играш, да имаш некаков континуитет. Тоа младиве генерации не го знаат, појма немаат што ми се случуваше таму“.
Инаку интересно и Тото, роден 64-та и Дарко една година помлад, кариерата ја завршиле во 1997-ма година. Италијанскиот напаѓач со вкупно 181 клупски гол, а македонскиот со 219.