Самуел Умтити е името на фудбалерот кој летото 2016-та ќе го памети како пресвртница во кариерата која се очекува да му тргне во нагорна линија. Пред 6 месеци беше во позиција како Лестер и шансите да освои титула во Премиер лигата или Велс и нивните шанси да бидат полуфиналисти на ЕП 2016.
Минатиот декември, Дидие Дешамп доби прашање зошто никогаш не го повикал во репрезентација Умтити, а тој одговори:
„Можеби затоа што никогаш не сте му ги виделе настапите во Лига на шампиони оваа сезона.“
И беше во право, тој исто како и неговиот клуб Лион имаше многу слаб старт во првиот дел од сезоната и во ЛШ и во Лига 1, но потоа од јануари па натаму младиот дефанзивец со игрите заработи место во резервниот состав на Франција.
За него притискаше и Фудбалската федерација на Камерун и Роџер Мила кои се обидуваа да го направат репрезентативец во земјата каде е роден, но сето тоа мина неуспешно.
Умтити остана во Франција и играше за сите младински селекции, а дебито за сениорската му беше историско. Тој не доби шанса ниту на една од двете пријателски пред почетокот на Европското и влезе во конечниот список од 23 играчи како замена за повредениот Џереми Метју.
Но кој очекуваше дека Дешамп во четвртфинале на ЕП, во дефанзивната линија ќе има доверба во 22 годишен фудбалер кој пред неколку месеци го искритикува и кој што е најинтересно нема ниту еден настап за селекцијата на Франција.
За место во првите 11, исто како во првите 23, тој повторно имаше среќа, бидејќи Адил Рами беше суспендиран поради жолти картони, а на тренингот покажал повеќе од Мангала од Манчестер Сити.
Со синоќешното деби против Исланд тој стана првиот Французин кој дебитирал во репрезентацијата на големо натпреварување после Габриел де Мишел на СП 1966.
Самуел Умтити е дел од генерацијата на Погба која го освои Светското првенство во 2013-та за играчи до 20 години и поради картони го пропушти само финалето против Уругвај.
Во Лион пристигна на 8 години и ќе си оди на 22, бидејќи понудата за заминување не беше за пропуштање. На 30 јуни годинава тој стана нов играч на Барселона за сума од 25 милиони евра. Освен стоперската, може да ја покрива и десната бековска позиција каде ќе го нема Дани Алвеш кој замина во Јуве.
А како помина на дебито? Не погреши ниту едно додавање.