Во последните неколку години Нејмар е еден од најспоменуваните имиња во светските медиуми како идниот топ трансфер од Бразил во Европа. Тој беше поврзуван со најголемите европски гиганти, а неочекувано во трката за него се вмеша Вест Хем во 2010 година, но не успеа да го купи.
По една година интерес пројави Челси, а потоа стана јасно дека битката за големиот талент ќе ја водат шпанските ривали Барселона и Реал Мадрид. И покрај тоа што Флорентино Перез понуди годишна плата од 11 милиони евра, Нејмар ќе настапува на „Камп Ноу" за плата од 7 милиони евра.
Многумина очекуваа дека 21 годишниот Бразилец кариерата ќе ја продолжи во Европа по Светското првенство во Бразил, но фудбалерот кој беше прогласуван за најдобар во последните 3 сезони во бразилското првенство деновиве ќе потпише 5 годишен договор со Каталонскиот клуб.
Како предводник на Сантос, Нејмар ја надмина границата од 100 гола, а стигна до три титули во низа во бразилскиот шампионат. Притисокот врз него ќе биде огромен, а според квалитетите кои ги поседува, очекувањата се да стане еден од најдобрите бразилски фудбалери од рангот на Пеле, Ромарио, Роналдо и Роналдињо.
Но тоа ќе треба да го докаже во друштво со најдобрите и во еден од најсилните клубови во светот. Секоја почит за бразилскиот фудбал, но во Шпанија се игра побрзо, но и со повеќе тактика и подобра одбрана, а за него ќе биде потешко да "танцува" во дуелите со противничките играчи.
Нејмар од натпревар во натпревар блескаше во Бразил, но во досегашните негови искуства на европско тло не го видовме во исто светло. Играше под очекувањата на Олимписките игри во Лондон, а со игрите разочара и на пријателскиот дуел против Англија на кој во февруари оваа година Бразил беше поразен.
Можеби најинтересното прашање за анализа е какво ќе биде неговото вклопување во тимот кој е најмногу препознатлив по таканаречениот "тики-така" стил на игра кој се базира на додавање и ослободување. Стилот на игра на Нејмар пак најчесто се основа на индивидуални потези со многу дриблинг, надмудрување на противникот и шоу за публиката.
Тој ќе има задача да се прилагоди во тим во кој на прво место е колективната игра со многу додавања, кои најчесто завршуваат со погодоци постигнати од срцето на шеснаесетникот. Лионел Меси е играчот кој најчесто солира со топката, но и во долгите брзи контри тој често пати проигрува во завршницата.
Почнувајќи од неговото деби на 17 годишна возраст, Нејмар веќе 4 години е во центарот на вниманието и многу лесно постигнува голови. За човекот кој зад себе има 11 спонзори и кој е прогласен за маркетиншки најисплатлив спортист можеби е вистинското време да покаже што знае и во еден од најдобрите клубови во светот.
Колку и дали ќе успее во големата Барселона може само да наѓаме и дебатираме. Тоа ќе биде негова "златна" шанса за да покаже дали може уште да приредува партии со потези кој веднаш завршуваат на "Јутјуб". Голема прашање за дебата е и тоа како ќе плови бродот со двајца капетани.