Пет репрезентации првпат ќе играат на ЕП

Ќе биде тоа Европско на дебитанти

Синоќа завршија едни од најинтересните квалификации за Европско првенство, преку кои 19 репрезентации плус домаќинот се квалификуваа директно а четири ќе стигнат преку баражот кој се игра во ноември.

БиХ, Унгарија, Република Ирска, Норвешка, Данска, Словенија, Украина и Шведска се осумте репрезентации кои ќе играат во баражот за пласман на ЕП 2016. Ждрепката за паровите од плејофот ќе се влече во недела на 18-ти октомври во Нион. Првите натпревари ќе се играат на 12, 13 и 14 ноември, а ревашните ќе бидат на 15, 16 и 17 ноември.
 
Пет репрезентации ќе дебитираат на едно Европско првенство, меѓу нив се Словачка, Албанија, Северна Ирска, Велс и Исланд.
 
ИСЛАНД
Селекцијата од земјата на фјордовите буквално држеше фудбалско предавање во групата А, каде беа уште и Чешка, Холандија, Турција, Казахстан и Латвија. Исланд обезбеди теоретски пласман на Европското на две кола пред крајот, но поразот од Турција во последното коло ги чинеше прво место во групата. Прва е Чешка, а Исланд ќе оди како втор.
 
Исланд нема педигре играње на големи натпреварувања. Најголем адут им е селекторот Ларс Лагербак (67), кој како долгогодишен селектор ја носеше родната Шведска на три Европски првенства, во 2000, 2004 и 2008 година. Прв стрелец на Исланд во квалификацииве беше Гифли Сигурдсон од Свонси со 6 голови.
 
ВЕЛС
Островјаните направија историски успех откако го освоија второто место во групата Б, зад неприкосновената Белгија. Одбраната беше најголем адут на Велс откако прими само четири голови, а прв стрелец беше најскапиот светски фудбалер Герет Бејл со 11 голови во квалификацииве. Велс за првпат во својата историја ќе се квалификува на едно ЕП, а претходно играа на еден Мундијал во 1958 година.
 

Селекторот Крис Колман (45) имаше 32 настапи во минатото за Велс и беше во репрезентацијата која за малку не се квалификуваше на СП 1994 во САД.

СЛОВАЧКА

Во групата Ц каде учествуваше и Македонија, Словачка го освои второто место и директно се пласираше во Франција. Поранешната Чехословачка играше на ЕП 1980. година и на СП 1982. година, а Словачка за првпат како самостојна држава ќе игра на еден голем турнир. Селектор им е Јан Козак, поранешен репрезентативец на Чехословачка и тренер на Кошице во неколку наврати.

Прв стрелец на тимот е Марек Хамшик, капитенот на Наполи со пет голови. Словачка играше и на Мундијалот во Јужна Африка во 2010. година,  а сега за првпат ќе се докажува пред европската публика.

АЛБАНИЈА

Нашите соседи завршија како втори во групата И, и така ја пратија Данска во баражот. Албанија за првпат во својата историја ќе игра на едно големо натпреварување а за пласманот најзаслужен е селекторот Џани Де Бјази (59) кој е селектор на оваа земја од 2011. година. Дури седум играчи на Албанија се запишаа во стрелците во овие квалификации, а еднаш нивниот противник Ерменија си даде автогол.

СЕВЕРНА ИРСКА

Најголемо изненадување во квалификациите. Победници на групата Ф и заслужен пласман на првото големо натпреварување во последните 30 години. Ќе дебитираат на Европското, а заслугите за тоа ги носи селекторот Мајкл О'Нил (46), поранешен играч на Њукасл, Данди Јунајтед и Хиберниан. Прв стрелец на Северно Ирците во квалификациите беше Кајл Лаферти со седум погодоци.

Северна Ирска ја остави Грција, поранешниот европски шампион од 2004. година на последното место во групата.