Ричард Ли Ман-фаи е бизнисмен од Хонг Конг за кого на големо се пишува дека чукнал на вратата на Силвио Берлускони за да го купи Милан. Сепак, италијанскиот Скај спорт пренесува дека бизнисменот Ли задоцнил со понудата затоа што Берлускони веќе ја договорил продажбата на Милан со магнатот Би Таечабул од Тајланд.
Ако сè оди според планот, Мистер Би како што го викаат италијанските медиуми, најпрвин ќе откупи 20% од акциите за 195 милиони евра, за до крајот на годината да откупи дополнителни 55%. Вкупната зделка изнесува од милијарда до милијарда и 500 милиони евра, а еден од условите на Берлускони бил своите функции во клубот да ги задржат ќерка му Барбара и Адриано Галијани.
Од друга страна, Ричард Ли важи за еден од најбогатите луѓе во Кина. На почетокот на '90-те години го започнал увозот на Ферари и Масерати во Кина, а главна окупација му биле јахтите и часовниците.
„Моќта на Ли е во неговите познанства. Да покани 25 пријатели на вечера и да им каже дека ќе го купува Милан, само неколку минути ќе му требаат да состави конзорциум“, изјавил близок пријател на Ли за Скај спорт.
Целата конфузија во продажбата на Милан упорно ја продолжува и агенцијата АНСА, блиска до „Кавалерот Берлускони“ која редовно негира било каков договор со азиските магнати.
Во случај да дојде до било каква зделка, Милан би станал и вториот италијански клуб со сопственик од Азија. За потсетување, од минатата година сопственик на Интер е Ерик Тохир од Сингапур.