„Јувентус нема никакви шанси. Пет пати во Лигата на шампионите бјанконерите го губеле првиот меч со 2:0 и секогаш испаѓале. Алегри никогаш не го победил Симеоне. Екипата на Алегри никогаш не дала гол против екипа на Симеоне. Така вика историјата. Во последните три недели видовме уште еден блед меч на Јуве - против Удинезе. Но тоа дека играше вториот состав. Сите сметаа дека Јуве е мртов. Заслужи пораз во второто полувреме од дуелот во Неапол. Не заслужи да победи ни во Болоња. Го нема Даглас Коста и практично нема варијанта за негова земан ако не го сметате Бентакур.“
Вака зборувал Џанкарло Падовано, поранешен главен уредник на Tuttosport и навивач на „Старата дама“.
И не само тој, и многу други расудуваа слично, дека Јуве после поразот на „Ванда Метрополитано“ нема што да бара во реваншот. Алегри во меѓувреме дури и ги деактивирал профилите на социјалните мрежи (Инстаграм во прв ред), за да се посвети на раат на тактиката.
Се разбира, имаше и такви кои до крај му веруваа на Макс, но мнозинството тресеше со нозе и го заговараше доаѓањето на Зидан. Денес таквите ликуваат и му благодарат на мистер.
****
Алегри е повеќе од специјалист за камбек. Во 2016 година во Минхен Јувентус ќе го добиеше Баерн ако не беше големата грешка на Патрис Евра во последните минути.
А да не збориме за 0:3 со Реал на „Сантијаго Бернабеу“ кога англискиот судија Оливер сакаше да биде поголем од подвигот на Јуве.
Тренерот од Тоскана го споредуваат со Наполеон Бонапарта, затоа што Макс во минутите на опасност станува уште поенергичен, а таков бил и Корзиканецот. Под стрес, во најбезнадежна ситуација, кога другите се кршат, тој останува ладнокрвен и носи единствено решение.
Видовме како Алегри реагираше сталожено на кастингот за тренери на Андреа Ањели.
До реваншот со Атлетико, сите очекуваа тактичко изненадување, но Алегри остана во формација 4-3-3 која што Диего Симеоне ја разби пред три недели.
Макс направи еден маестрален потег - го фрли во оган фудбалерот кој до вчера немаше ниту една минута во Лигата на шампионите - Леонардо Спинацола, кој одигра пар средби во Серија А и италијанскиот Куп. И тоа на позиција лев бек каде фалеше суспендираниот Алекс Сандро.
Во изборот меѓу Дибала и Бернардески, Масимилијано се реши за Италијанецот и не згреши. Федерико беше најдобар играч на теренот после Роналдо. Играше десно, па лево, па како полушпиц. Шпанците не знаеа што да прават со него. Ако го маркираат стриктно, ќе остане простор за Жоао Кансело, ако го игнорираат, тој ќе асистира до Роналдо како што и се случи.
Спинацола потсети на младиот Ѕамброта на времето и душа им извади на десните бочни играчи на Атлетико. Бернардески бестрашно влегуваше во шеснаесетникот на „јорганџиите“. Бонучи и Пјаниќ на висина на задача со вертикални долги топки - тоа што фалеше на првиот меч. Во одбрана Бонучи свесно го испушташе од вид Алваро Мората и ја потврди репутацијата за Шпанецот како само надежен шпиц.
На полувреме коментаторот Фабио Кареса го прашал Пирло што треба да прави Јуве во вториот дел? Маестро рекол дека е потребно поактивно да се користат крилата, дури и да им се заменат местата на Кансело и Спинацола, за поголем пресинг врз Хуанфран.
После неколку минути Алегри го извади Спинацола и го стави Дибала, а притоа Бернардески го задржа местото лево крило, а Џан отиде на десно.
Подолго време им требаше на специјалистите во студио да сфатат во каква шема сега игра Јувентус. Но кога се испостави дека и натаму стојат во 4-3-3, на семафорот веќе стоеше 2-0.
Неверојатниот Масимилијано Алегри во најризичниот момент од мечот, кога се „кршеа копја“ и Атлетико се ослободи од притисокот, го стави резервниот центарфор, младиот Мојзе Кин.
На Кин му фалеа неколку сантиметри да стане херој на мечот, но сигурно е дека тоа што го промаши пред голот, еден ден ќе му се врати.
На крајот решавачкиот пенал за кој се избори Бернардески го реализираше CR7 и празникот по улиците на Италија можеше да почне.
Не се знае што беше најпрекрасно синоќа? Дали тоа што Макс се крена од пепелта, дали стадионот кој никогаш не изгледал поубаво? Дали девојката на Роналдо која плачеше? Дали неверојатната прослава на Андреа Ањели?
Или можеби легендарниот коментатор Фабио Кареса кој така не урлал од времето на головите на Гросо во Берлин и Дортмунд. А до него Бепе Бергоми кој исто така се радува. Стопроцентни „романист“ и „интерист“ кои се радуваат на големиот триумф на Јувентус.
Не. На крај се случи најнеочекуваното. Официјалниот твитер профил на Наполи им ја честиташе победата на историските непријатели.Пред 150 години Кавур ја создал модерната држава Италија, но никој не ги обедини Италијанците како Јувентус синоќа. И тоа само во една вечер. Симболично, тоа се случи на роденденот на големиот Адвокат.