Катар е најмал проблем на фудбалот во моментов

Сите креваат паника за жештината при одигрувањето на натпреварите за време на Светското првенство кое ќе се одигра во Катар за девет години, а на никого не му текнува дека слични ќе бидат условите и следната година на Мудијалот во Бразил.

Здружението на професионални фудбалери ФИФПро и се закани на ФИФА дека ќе преземе мерки доколку Светската куќа на фудбалот не ги промени термините за одигрување на натпреварите на Светското првенство во Бразил следната година.

Додека целото внимание во последните неколку месеци е насочено кон проблемите со високите температури во Катар во 2022-та година, генералниот секретар на ФИФПро, Тео ван Зегелен вели дека луѓето треба повеќе да бидат загрижени за Мундијалот во 2014-та година.

„Ме зачудува фактот што медиумите се опседнати со Катар за девет години, а на никого не му е гајле за Светското првенство во 2014-та година", изјави Ван Зегелен.

Некои натпревари на првенството во Бразил се закажани за 13 часот по локално време и тоа може да предизвика големи проблеми за играчите, а Ван Зегелен го зема примерот со полуфиналниот натпревар од Купот на Конфедерациите помеѓу Италија и Шпанија.

„Разговарав со фудбалери од италијанската и шпанската репрезентација по полуфиналето и тие ми потврдија дека е невозможно да се игра продолжение на таа горештина, а натпреварот имаше поладневен термин. Мора да сфатиме дека не само што во прашање е квалитетот на одиграниот натпревар, туку може да се наруши и здравјето на фудбалерите", дополни генералниот секретар на ФИФПро.

За разлика од Катарт каде натпреварите ќе се играат на мала одалеченост, во Бразил има огромно растојание помеѓу градовите, а ќе има и големи температурни разлики. Фудбалерите ќе треба да патуваат и по четири часа со авион што ќе биде дополнителен проблем за опоравување по тежок натпревар на висока температура кога по само неколку денови ги очекува нов меч.

24 септември 2013 - 14:49